петок, 29 март 2024

Украина се обидува да ја убеди Индија да застане на страната на Киев, а не на Москва

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја повика Индија да застане со Киев, велејќи дека блиските врски на Индија со Русија се засноваат на советско наследство кое бледнее, објави денеска Фајненшл тајмс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кулеба вчера пристигна во Њу Делхи со цел да ги зајакне врските со Индија, како и да ја промовира киевската визија на патот кон мирот во Украина.

Според Ројтерс, Индија традиционално има блиски економски и одбранбени врски со Москва и се воздржува да ја критикува Русија поради нејзината инвазија на Украина. Згора на тоа, индиското купување руска нафта е на рекордно ниво во последно време.

Кулеба рече дека Индија има многу да добие од проширувањето на трговските и технолошките врски со Украина, при што го постави и прашањето за улогата на индиските компании во повоената обнова на Украина.

Украина сака да ја „обнови трговијата“ со Индија, во форма на извоз на земјоделски производи како што е сончогледовото масло, а и самата сака да купува повеќе индиски стоки. „Заинтересирани сме да увеземе дел од тешката машинерија што ја произведува Индија“, рече Кулеба.

Украина се надева дека во наредните месеци ќе одржи самит на светските лидери без учество на Русија, со цел да го промовира и зајакне својот мировен план, кој меѓу другото повикува на повлекување на руските трупи од нејзината територија.

Русија ја отфрли таа украинска дипломатска иницијатива.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ