Aгенција за филм: Во случајот со Јадран филм во тек се неколку судски процеси
Во одговорот на Агенцијата за филм се цитира дел од пресудата: „Се утврдува дека одлуката број 02-1257/1 од 27.09.2017 година донесена од в.д директорот на Агенцијата за филм на Република Македонија Горјан Тозија е ништовна и истата не произведува правно дејство”.
Во однос на тоа дека од страна на Јадран филм, хрватско-американската компанија, било понудено да се преговара откако судот одлучил дека раскинувањето на нивниот договор било незаконски сторено, од Агенцијата за филм велат дека „со оглед на фактот дека во моментов сѐ уште трае судската постапка помеѓу Агенцијата и Јадран филм, тие не се во состојба да преговараат до завршување на постапката“.
Договорот за снимањето на ТВ серијата Македонија бил раскинат на 27 септември 2017. На 19 февруари 2019 се носи правосилна одлука (потврдена и од Врховниот суд) дека ова раскинување било незаконско. Во меѓувреме од сметката на Јадран филм се земени 310 илјади евра. За овие правни последици од противзаконскиот раскин на договорот со Јадран филм од Агенцијата за филм велат дека имало постапка за противизвршување од страна на Јадран филм, но таа била завршена во корист на Агенцијата.
„Во врска со правните последици што произлегуваат од раскинувањето, Агенцијата не е во можност да коментира сѐ до конечно завршување на судската постапка. Спорот со Јадран филм сѐ уште е во тек, а Владата е известена за текот на целата постапка“, се вели во одговорите на Агенцијата за филм.
А.Д.