Синдикатот на полицијата на протест, ќе бара покачување на плати и нови колективни договори
„Бараме да се донесе нов колективен во полицијата што ќе е компатибилен со реалната состојба на синдикалното организирање и делување во МВР, донесување на посебен колективен договор за вработените во затворска полиција, за вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, вклучувајќи го и секторот на шумска полиција и отпочнување на колективен договор во судска полиција. Клучот на сѐ ќе биде барање од НСП за покачување на платата за 25 отсто на секој вработен во која било полиција кој има овластување, носи униформа, и е по основ униформирано полициско лице“, рече Делчев.
Според него, во изминативе три години им било ветувано оти ќе има нов колективен договор во полицијата и посебен колективен договор за шумска, судска и затворска полиција, но како што рече, од сето тоа уште нема ништо.
Делчев додаде дека протестот што го подготвуваат еден месец е од меѓународен синдикален карактер, затоа што имаат поддршка од полициските синдикати од други држави од Европската Унија.
„Полициски службеници од туѓи држави, односно од државите во ЕУ, ќе протестираат за оние полициски службеници кои се плашат, кои имаат притисок од страна на началници, на големите политички структури кои изминатиот период покажаа и докажаа дека се против влез на нашата држава во ЕУ. Јас лично видов и се уверив дека од Република Словенија сме сто години наназад во поглед на работењето во полиција“, рече тој, додавајќи дека еден директор од јавна институција сега преминал да работи во МВР како виш полициски советник.
Според Делчев, тој поранешен директор во јавна институција зазема работно место на некој што со години чекал да дојде во ситуација да аплицира за тоа работно место и да има унапредување. На овој начин, вели тој, полицијата е политизарана и не е согласно европските стандарди и норми.
„Ниту јас, ниту пак Синдикатот, сѐ додека постои, нема да дозволиме никој повеќе да не лаже. Затоа барам од МВР веднаш да одоговори на овие наши барања“, рече Делчев.
Фото: МИА