„Пуцко петрол“ пак доби тендер за гориво од државата, или 395 тендери за 18 месеци
Според последниот тендер „Пуцко петрол“ е должен да испорачува гориво за греење за објектите на Вила Дојран, Комплекс вили Охрид, Вила Попова Шапка, Вила 2 Скопје, Вила 3 Скопје и Клубот на Републички органи – Скопје.
Претходно „Пуцко – Петрол“ е потписник на тендерите за ЈСП-Скопје [1] вреден 15,3 милиони евра, гориво за службените возила во Министерството за правда вреден 34 илјади евра, гориво и масло за греење од 150 илјади евра за Охридската болница, масло за греење за болницата во Струга во вредност од 100 илјади евра... На листата на институции на кои „Пуцко – Петрол“ само годинава им продал услуги се и општина Студеничани, Агенцијата за храна и ветеринарство, општина Сарај, Управата за јавни приходи...
„Пуцко Петрол“ во 2017 и 2018 година склучил договори за 395 тендери вредни 2.143.110.674 денари или околу 34,56 милиони евра.
И минатата власт склучуваше договори за снабдување со нафта на некои јавни претпријатија и локални заедници токму со „Пуцко петрол“.
Во декември минатата година Министерството за одбрана го раскина [2] договорот со „Пуцко петрол“ за снабдување со мазут поради немање лиценца за трговија со мазут. Овој случај го откри МКД.мк [3], а потоа следуваше реакцијата на Министерството за одбрана за раскинување на договорот. Тогаш Регулаторната комисија за енергетика објави [4] дека „Пуцко петрол“ без лиценца за мазут снабдувал и други државни институции - Министерство за внатрешни работи, општите болници во Гостивар и Гевгелија, Државниот студентски дом во Скопје, општина Битола... Се разбира одговорност за ова немаше никаде - ни во Министерството за одбрана, ни во МВР, ни во болниците, ни во Регулаторната комисија за енергетика, а еве го „Пуцко петрол“, овојпат со лиценца за трговија со мазут, без никакви проблеми за зимава ќе обезбедува греење за многу државни институции.
А.Д.