МКД.мк

Професорка од Софија порачува: Бугарија треба да си го заштити историското право врз глаголицата и кирилицата

Бугарија е столбот што ја зачувал кирилицата и глаголицата, вели бугарската професорка Славија Барлиева од Кирило-Методиевскиот научен центар на Бугарската академија на науките и е дел од авторскиот тим на книгата „Бугарските азбуки“.

Во разговор за БГНЕС [1], Барлиева изјавила дека многуте митови, псевдонаучни теории и патриотски тези се пречка за признавање на она што, како што вели, навистина треба да биде признато како бугарско, а тоа е, според неа, „создавањето на нивните две азбуки – глаголицата и кирилицата“.

Образложувајќи ги нејзините тези, таа оценува дека геополитиката ги искривува вистинските историски факти.

„Аргументот за тоа дека глаголицата можеби не е бугарска е многу погоден во актуелниот геополитички момент, бидејќи првата употреба на глаголицата е забележана во велика Моравија“, објаснува Барлиева.

Но, додава дека изјавите на руското Министерство за надворешни работи не одговараат на историската вистина.

„Многу лош впечаток ми остава играта на руските емисари и државни функционери кои секоја година ги поздравуваат Македонците за откривањето на кирилицата. Но, тоа се разбира не е така. Најстарите споменици на овие ‘графички системи‘ се потврдени во Бугарија и тие се создадени со поддршка на просветни владетели како Симеон велики и Борис-Михаил Покристител. Најстариот кириличен натпис е од 924 година и се наоѓа тука во Бугарија, како и оние натписи коишто се наоѓаат во некогашните бугарски земји од другата страна на Дунав“, тврди Барлиева.

Објаснувајќи дека Бугарија е столбот кој што ги зачувал глаголицата и кирилицата, Барлиева вели дека треба да го заштити своето историско право врз двете азбуки, а единствениот начин да го направи тоа е не со голи изјави, туку со ширење на реални научни публикации.


Извор: https://www.mkd.mk/makedonija/politika/profesorka-od-sofija-porachuva-bugarija-treba-da-si-go-zashtiti-istoriskoto

Links
[1] https://bgnes.bg/news/slavia-b-rlieva-b-lgaria-e-stozher-t-zapazil-kirilitcata-i-glagolitcata/