вторник, 19 март 2024

Се посериозен проблем на НАТО е задржувањето на постоечките воени сили

Проблемот на европските земји со бројот на војници се сведе не толку на регрутирање нови војници колку на убедување на постоечките сили да не ја напуштаат војската, пишува Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Оваа недела, францускиот министер за вооружени сили Себастиен Лекорну претстави план за задржување таленти за да го охрабри воениот персонал да остане во униформа.

Ова доаѓа неколку дена откако годишниот извештај доставен до германскиот парламент покажа дека околу 1.537 војници го напуштиле Бундесверот во 2023 година, со што војската се намали на 181.514 припадници.

„Овие разговори сега се водат во сите европски престолнини, во сите демократии кои имаат професионални армии без регрутација“, изјави вчера Лекорну, истакнувајќи ги Обединетото Кралство и САД.

„На состаноците на НАТО можеме да зборуваме за опрема но, сега зборуваме и… за нивото на задржување“, додаде тој.

Додека Европа повторно се вооружува како реакција на војната во Украина, земјите како Хрватска размислуваат да го вратат воениот рок. Други, како Данска, планираат да го прошират и да ги вклучат жените. Германија го укина регрутирањето во 2011 година, но со оглед на тоа што многумина во војската се остарени за служба, повторно се разговара за враќање на некоја форма на регрутација.

За земјите кои се потпираат на професионални воени сили, предизвикот е да ги направат вооружените сили атрактивни, а тоа е тешко да се направи во време на ниска невработеност, жестока конкуренција од приватниот сектор и широко распространето работење на далечина.

Не се работи само за пари

Во Франција, воениот персонал останува во вооружените сили во просек една година помалку од претходно. Во ОК, има годишен недостаток на вработувања од 1.100 војници, што е еквивалент на два пешадиски баталјони, иако владата склучи договор за регрутирање со приватната компанија Капита.

Парите, се разбира, играат важна улога во убедувањето на луѓето да останат. Една од водечките мерки на францускиот план е зголемување на старосните пензии преку интегрирање на бонуси; се зголемуваат и платите. Но, проблемот е што условите за користење едноставно не се толку привлечни со хроничните прекувремени часови, повеќемесечните отсуства од дома и вообичаеното пропуштање на периоди на закрепнување.

„Проблемот не е регрутирањето, туку задржувањето, мораме да ги задржиме и семејствата“, рече адмирал Лиза Франчети, началник за операции на американската морнарица, на конференција во Париз претходно оваа година.

Во Полска, новата влада претходно оваа година најави зголемување на платите за околу 20 отсто во обид да ги задржи војниците. Минималната месечна плата за војник се зголемува од 4.960 злоти (1.150 евра) на 6.000 злоти. Како одговор на растечката закана од Русија, полската армија порасна од 95.000 во 2015 година на 215.000 оваа година.

Францускиот план вклучува помош за наоѓање домување и пристап до здравствена заштита и грижа за децата. Паровите кои работат во Министерството за вооружени сили, дури и ако еден е цивил, ќе можат заедно да ги сменат своите работни места.

„Повеќе би сакал да имаме помалку регрутации, а да успееме да го подобриме задржувањето на постојните сили. Тоа го претпочитам отколку да се впуштам во големо регрутирање луѓе, додека бројот на оние кои остануваат во армијата постојано паѓа“, рече Лекорну.

Германската влада сака да го зголеми бројот на војници на 203.000 до почетокот на 2030-тите, како дел од напорите за зајакнување на националната одбрана, но регрутирањето е многу бавно.

Специјалната комесарка за вооружени сили на Бундестагот Ева Хогл рече дека враќањето на некоја форма на регрутација е еден од начините да се свртат работите, но вклучувањето на жените е поочигледен потег за да се запре падот, бидејќи потенцијалот таму е „далеку од исцрпен“, рече таа.

Со законот усвоен минатата година, германската влада се обиде да ги направи условите во армијата поатрактивни. Тие на тој начин вклучуваат поголема поддршка за згрижување деца и зголемени пензии.

Не само што има проблеми со бројот на луѓе, туку и со основната инфраструктура. „Кога ги посетувам војниците, веќе не слушам дека недостасуваат шлемови и заштитни елеци, но и шкафчиња“, напиша Хогл во годишниот извештај.

Според Хогл, поправката на касарните и воените објекти ќе чини околу 50 милијарди евра, што е околу половина од вкупниот специјален фонд што го обезбеди владата за зајакнување на армијата по руската инвазија на Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ