Дора Бакојани кандидат за нов генерален секретар на Советот на Европа
Повикот за поднесување на кандидатури за наследник на актуелниот генерален секретар, Торбјорн Јагланд заврши вчера, а на огласот се пријавиле четворица кандидати, меѓу кои и поранешната министерка за надворешни работи на Грција, Дора Бакојани. Другите тројца кандидати се белгискиот министер за надворешни работи, Дидие Рејндерс, хрватската вицепремиерка и министерка за надворешни и европски работи, Марија Пејчиновиќ Буриќ и поранешниот литвански премиер, Андриус Кубилиус.
По одделните интервјуа со четворицата кандидати во март, ќе се изготви конечна листа на кандидати која што ќе биде поднесена во Парламентарното собрание на Советот на Европа. Конечната одлука треба да биде донесена до јуни годинава, а новиот генерален секретар на Советот на Европа ќе ја преземе функцијата на 1 октомври.
Советот на Европа има 47 членки, вклучувајќи ја и Македонија и се занимава со човекови права и демократија.