Средношколци од семејства со ниски приходи може да аплицираат за надомест за школски прибор
Финансиската поддршка за школски прибор, за која може да се аплицира во наредните десет дена, е наменета за ученици постари од 16 години на денот на влегувањето во сила на оваа уредба и се членови на семејно домаќинство во кое остварениот просечен месечен доход во семејството по сите основи за 2019 година не е поголем од просечната исплатена нето-плата по вработен за март 2020 година, според Државниот завод за статистика.
Училиштен прибор се: тетратки, листови за боење (блок за цртање), прибор за пишување, прибор за боење, бои, училишни торби (ранци), гуми за бришење, острилки за моливи, прибор за пенкала и моливи, технички моливи, калкулатори, глина за моделирање, линијари, шестари, лектири, Брајова хартија, како и спортска опрема (спортски обувки и спортска маица и спортски панталони) за потребите на наставата за спорт и спортски активности.
Рокот за пријавување на учениците трае до 17 август 2020 на интернет-платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk [2] односно www.digjitalizohu.mon.gov.mk [3] или со доставување на документите во Министерството за образование и наука.
На наведената интернет-платформа Министерството за образование и наука најдоцна до 10 септември ќе ја објави листата на корисници на средства за купување училиштен прибор и ќе ја достави до банките издавачи на домашна платежна картичка.
Во известувањето [1] на МОН се наведени потребните документи и упатството за аплицирање.
Како што беше соопштено на донесувањето на уредбата, по објавување на финалната листа, корисниците на еднократниот надомест ќе треба да го искористат најдоцна до 15 октомври и само за намената за која им е доделен. Парите ќе им бидат префрлени на платежна картичка за домашни производи и услуги, а ако не ја поседуваат, дополнително ќе им биде издадена.