Пановски предупредува: Ова лудило со неоправданата и претерана употреба на антибиотици треба да престане
Пановски на својот фејсбук-профил објавува случај на еден пациент воден од интернист и ја покажуваа оваа, според него, сосема непотребна терапија која кај нас се препорачува.
„Пациентот е со ЦРП 1,5, леукоцити 3,5, и сѐ друго е во нормала освен покачени д-димери 850. Терапија: панцеф, 10 дена, сумамед 6 дена, моксирал 10 дена, тоа од антибиотици, друго: ампули nevaxon, aminophyllinum, novalgetol, urbason, famotidin, clexan, сѐ тоа да се прима два пати на ден, инфузија NaCl, и уште 3 суплементи во таблети.
Пациентот ги купил сите лекови за 7.000 ден, но за среќа налетал на мои совесни колеги кои го пратиле на друг интернист и избегнато е „труење со медикаменти". Се работи за регион во Македонија каде смртноста од ковид е три пати повиска од просекот кај нас, а ова била стандардна терапија. Како стручен за антибиотици нагласувам: сумамед се пие 3 дена, никогаш не се комбинира со моксирал, спектарот им се преклопува, а инаку во случајов нема индикации за антибиотик, нема пневмонија. За другите лекови нема да коментирам, само не ги разбирам зошто се дадени освен клексанот. Primum non nocere - пред сѐ не прави штета“.
Пановски апелира до Министерството за здравство под итно да се преведат протоколите за ковид- 19 и да се објават, а според него хрватските протоколи се сосема добри. „Ова лудило мора да престане. Едуцираните и совесни матични лекари и оние од секундарното ниво на здравствената заштита се под невиден притисок од пациентите да се приклучат кон ова лудило и епидемија од полипрагмазија. Штетата е огромна во секој поглед, па и во смисла на смртноста. Волку лекови одеднаш ни здрав атлета не би издржал“, предупрадува професорот Пановски.
Во октомври издадени се 42.000 рецепти за сумамед, за панцеф 13.500, а за само 17 дена во ноември издадени се 44.500 рецепти за сумамед и 14.500 рецепти за панцеф. Во овој период имаме 30.000 нови позитивни на ковид-19, а пропишани се 86.500 +28.000 рецепти. Проценката е дека до крајот на годинава ќе се реализираат 200.000 рецепти сумамед и 60.000 рецепти панцеф повеќе од 2019. Ако имаме 100.000 позитивни на ковид-19, ако од нив 15.000 (15%) се со некакви компликации, можеби и бактериски инфекции, од каде 260.000 рецепти, па и за 15.000 болни и зошто баш тие антибиотици, кога има уште дваесетина други, прашува Пановски.
Ова значи дека антибиотиците се препишуваат и како превентива, на здрави лица. Превентивно давање на антибиотици никаде не е предвидено, во ниту еден протокол во целиот свет, па ни кај нас. Последиците од ваквото нерационално пропишување или купување на овие антибиотици се огромни, апелира Пановски.