75 проценти од наставниците се вакцинирани, од понеделник тестирање дали вирусот се шири во училиштата
Околу 75 отсто наставници во училиштата се вакцинирани, а настава на далечина следат околу два процента од учениците, соопшти Министерството за образование и наука.
Со одлука на Владата училиштата одржуваат онлајн-настава за оние ученици за кои родителите ќе побараат од медицински и од немедицински причини, велат од МОН и додаваат дека очекуваат со континуираната имунизација да се обезбеди дополнителна сигурност и услови за продолжување на наставата со физичко присуство.
Од понеделник треба да почне и најавениот скрининг на околу 8.200 ученици во основните и средните училишта со цел да се добие податок дали има трансмисија на вирусот во училиштата. Тестираењето за присуство на ковид-19 со земање брис ќе биде по случаен избор на учениците од регистарот на Е-дневник и со согласност на нивните родители.
Министерот за здравство Венко Филипче завчера на прес-конференција рече дека е планирано скринингот да трае пет дена и дневно по околу 1.600 деца да бидат тестирани во самите училишта од мобилни екипи.
Инаку, во средината на минатиот месец Институтот за јавно здравје објави податок дека од 1 до 14 септември со ковид-19 се заразиле вкупно 937 деца на возраст од 0 до 19 години, од нив околу 750 ученици. Додека пак, завчера министерката за образование Мила Царовска објави дека вкупно толку деца се заразиле со ковид-19 од почетокот на учебната година, што претставува двојно подолг временски период и значи дека податоците на институциите не се совпаѓаат.