За седум дена Железницата претрпе штета од 20 милиони денари
Смилевски вели дека станува збор за симулација на штетата за МЖ транспорт за седум дена и додава дека една пресметка е кога станува збор за приватни вагони кои стојат, а друга за вагони на железницата.
Тој вели дека не би можел да зборува за штетите кои ги има стопанството поради штрајкот, но нагласува дека сигурно се големи бидејќи застанува или е забавено производството во компаниите кои не ги добиле планираните стоки и суровини неопходни за производствениот процес или за транспорт на готови производи кон пазарот. Илустрира дека Макстил, Макпетрол, Либерти стил и други големи компании зависат од транспорт со железнички вагони.
На прашањето дали е логично дека штетите не би се случиле доколку навремено била дадена платата, Смилевски вели дека проблемот е повеќеслоен, но дека решението е во зголемен обем на работа.
„Минатата година беше пандемиска и ние имавме намален обем на работа. Годинава работата нѝ е зголемена за 20 проценти во однос на минатата, но за жал се зголеми цената на струјата и на нафтата, а тоа се главните енергенси од кои зависиме. Проценката е дека годинава ќе ја завршиме со транспорт на 2 милиони тони стока, што е за половина милион тони повеќе во однос на 2017 година, кога транспортот беше 1,5 мипиони тони“, вели Смилевски.
Тој додава дека проблемот со загубите би се надминал ако годишно се превезуваат 4 милиони тони, колку што изнесувал транспортот во 2006 година кога тој бил директор на МЖ транспорт.
„Со толкав обем на работа не би зависеле од никого, би се покриле расходите и би имале приход. Секако дека работиме на тоа да го зголемиме обемот на превоз, преговараме со дел од коминтентите, како со Колска и Макстил, со цел со поголем број на композиции и вагони да се транспортираат суровини, зашто дел од транспортот се одвива и со камиони, што е поскапа варијанта за стопанството“, вели Смилевски за МКД.мк.
Инаку, штрајкувачите го бараат вториот дел од платата за октомври, а штрајкуваа и претходниот месец, кога исто така им доцнеа платите. Железницата е сопственост на Владата и веројатно се прават калкулации дали е можно проблемот со работниците да се реши, имајќи предвид дека парите за плата се сигурно помали отколку штетите кои на дневно ниво се со милионски износи.
П.Џ.