Нова домашна фабрика за кроасани, инвестиција вредна 6,5 милиони евра
На отворањето на новата фабрика присуствуваа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на Општина Илинден Жика Стојановски.
Вицепремиерот Ставрески на отворањето истакна дека целта и на централната и на локалната власт е да даде поддршка на вакви успешни бизниси и посочи дека Владата работи на создавање поволна бизнис клима.
Во новата фабрика работат 90 технолози, инженери, економисти и други кадри од најразлични профили лица, а според вицепремиерот ваквите семејни бизниси се креатори на најголем број нови работни места.
Градоначалникот Стојановски истакна дека ова е една од најголемите инвестиции во општина Илинден која како и другите придонесува за локален економски развој и за нови работни места.
Сопственикот и основачот на „Гранд експорт“ од Скопје Стојмен Јордановски истакна дека почетоците на оваа успешна семејна приказна почнуваат пред 25 години и изрази задоволство што нивната визија станала реалност.
Главниот извршен директор на „Гранд фуд корпорејшн“ Горан Јордановски истакна дека станува збор за комплетно сопствена инвестиција и дека според инсталираниот капацитет е најголема фабрика за производство на кроасани во овој дел на Европа.
Фабриката се простира на површина од 6.000 метри квадратни, вградена е современа технологија, а производството ќе биде наменето за македонскиот пазар, соседните земји и ЕУ.
Компанијата „Гранд експорт“ како продажно дистрибутивна компанија на македонскиот пазар е присутна од почетокот на 1992 година.
Фабриката е изградена од најсовремени материјали што денес се употребуваат во градежништвото. Проектирана е со развојни параметри за брз пораст на производството.
Производствениот комплекс ги исполнува сите еколошки стандарди и стандарди за енергетска штедливост пропишани со македонското и законодавството на Европската Унија.
Во фабриката за кроасани се инсталирани машини, опрема и технологија од најновата генерација што се користат во прехранбената индустрија во Западна Европа. Нивни производители се познати компании од Германија, Италија, Австрија и Швајцарија. Целокупниот процес на производство е автоматизиран.
Во производството се користат рецептури и суровини од најреномирани добавувачи од европските земји со најдолга традиција во производството на кроасани.
Во фабриката е имплементиран и сертифициран ХАСАП системот за безбедна храна. При крај е имплементацијата и сертификацијата и на ИСО 22000. Планирано е воведување и на системот на ИФС стандарди.