Дневници за работа во недела мора да се исплатат, бараме поредовна контрола, велат од ССМ
Димовски е задоволен е од спроведувањето на ова законско решение, а за сите забележани неправилности вели дека поднеле пријави до Инспекторатот за труд и до Пазарниот инспекторат за што веќе се изречени и првите санкции. Неправилности се констатирани во маркети и пекари и во други дејности, а спорни се и спортските обложувалници, казината и угостителските објекти од типот на кафулиња каде не се служи храна.
„Секаде каде имаме поплаки, пријавивме до Државниот инспекторат за труд и до Пазарниот инспекторат и има резултати. Четворица работодавачи кои го прекршиле законот, веќе се парично казнети и затворени 15 дена. Дополнително, онаму каде што сметавме, како што се спортските обложувачници и коцкарници кои не се предвидени во дејностите кои можат да работат во недела, пративме претставки до Министерството за труд и социјална политика и до Министерството за финансии бидејќи очигледно на тие дејности, некој со мислење, а не со законот, им дал да работат. Тоа за нас е неприфатливо бидејќи мислењето не може да го дерогира законот, а законот е јасен дека сите оние дејности кои не се пропишани за работа во недела, не можат да работат. А тоа ни се случува со спортските обложувачници и коцкарниците“, посочува Димовски.
Тој нагласува дека ССМ е изненаден од потегот на Стопанската комора на Северна Македонија која законското решение го оспори пред Уставниот суд, но се согласи во февруари да го повлече, за кое време би се барале решенија за спроведување на законот.
„Ова што се случи за нас беше еден вид изненадување, но ние сигурно нема да останеме неми на ова што го презема Стопанската комора. Ние веруваме во уставните судии бидејќи и тие се работници и ги уживаат бенефитите согласно со Законот за работни односи и колективните договори и лично јас сметам дека тие тоа нема да го дозволат и недела како неработен ден ќе остане за 92 проценти од работниците. Претходно најавив дека доколку тоа се случи, ние ќе се организираме и ќе протестираме пред Уставниот суд, а сигурно ќе поднесеме и жалба бидејќи и ние имаме аргументи“, рече Димовски во интервју за МИА.