петок, 19 април 2024

Мицкоски од митингот во Охрид побара обединување за подобро утре за сите

Мицкоски пред охриѓани истакна дека народот на овие избори доаѓа по своето, да си го врати она што му е одземено, доаѓа да си ја врати во свои раце Македонија и да ги отпочне големите промени на свеста, на начинот на живот, на вредностите со кои ќе покаже на сите дека може, дека знае, дека си ја сака државата…

Објавено на

часот

Сподели

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, од големиот собир во Охрид од каде партијата по традиција влегува во предизборните кампањи, повика на обединување на сите граѓани независно партиската, националната и верската припадност, на обединување во борбата за изградба на ново општество, општество изградено врз здрави темели, за заедничка иднина со подобро утре, за соживот, за отчетност, заеднички против сиромаштијата, за заеднички вредности, за реформи, работа, подобар живот…

Мицкоски пред охриѓани истакна дека народот на овие избори доаѓа по своето, да си го врати она што му е одземено, доаѓа да си ја врати во свои раце Македонија и да ги отпочне големите промени на свеста, на начинот на живот, на вредностите со кои ќе покаже на сите дека може, дека знае, дека си ја сака државата…

“Тука сме во Охрид,  посилни од било кога, стоиме горди и исправени обединети и сложни , со јасна заедничка цел…Нашата идеја се вика Македонија, а нашата цел е да ја вратиме Македонија во рацете на народот и да ја одземеме од рацете на стотина функционери на ДУИ и нивните измеќари од СДСМ. Победата мора да биде голема, за да видат сите оние кои се прашуваат дали народот ќе дојде по своето, да им докажеме и на најголемите скептици кои го потценуваат овој народ, дека Македонија и нејзините граѓани се горди и достоинствени и дека доаѓаат по своето, по својата единствена татковина Македонија“, рече тој.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од говорницата посочи дека во земјата лошо се живее, институциите се распаднати, државата е киднапирана од, како што рече, неколкумина од ДУИ и СДСМ.

„Нема набавка или тендер кој не е наместен, нема работник кој не разочаран, нема пензионер кој не е загрижен, нема доктор и инжинер кој не се прашува што бара тука, нема  млад кој не е скептичен и ретко човек кој не посмислил дали да си замине, накусо нема надеж и сон кој не е уништен… Но во нас се раѓа пркосот, не им ја даваме Македонија не им ја даваме иднината, не им дозволиме да се играаат со нашите и да се коцкаат со животите на нашите деца. Тргнавме и нема назад, доаѓа цунамито што ќе ги одвее од политичката сцена, а историјата може само да ги забележи како лош период во кој заради нив се изгубила човечноста, се уништиле вредностите, се изубил редот, се изгубила и понижила Македонија“, рече тој.

Мицкоски пред граѓаните обзнани едно сценарио, завера што, како што рече, ја подготвува актуелната власт, дека СДСМ ќе имал 28 пратеници, а албанските партии ќе добиеле 33 пратенички места, па така ќе формирале заедничка влада.

„Нив не ги интересира иднината на државата, туку иднината на нивните фотелји, нема откажување од фотелјите треба да им е слоганот. Дури и им ветувале на ДУИ дека наместо како до сега 50 проценти од државните институции, СДСМ би се задоволиле со 30 проценти, а ДУИ и останатите партии да преземат се до 70 проценти“, рече Мицкоски, притоа од говорницата порачувајќи им на сите кое така работаат дека ќе одговараат за се што сториле, дека тоа не е закана туку ветување.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред охриѓани ја претстави програмата наречена „Платформа 1198“, за која рече дека е светилник на надежта, сериозна, најдобра изборна програма досега.

„Планот содржи 1198 проекти. Во програмата се обрвзуваме на раст на БДП до пет проценти годишно, ниска стапка на инфлација не повеќе од два до 2,5 проценти, намалување на невработеноста за 7,5 проценти, отварање на нови 55 илјади работи места. Секое дете да има место во градинка, реорганизација на министерствата и на институциите , намалување на бројот функциониери и членови на управни и надзорни одбори, до 800 милиони евра за земјоделството, гарантиран откуп и гарантирана цена, обнова на водноснабдителните системи, инвестиции во инфраструктурата од две милијарди евра за четири години, формирање фонд за врвна наука и конечно одговорност и фронт против корупцијата, прочешлување на имотот на судиите, обвинителите, функционерите“…, рече меѓу другото Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ испрати порака до сите граѓани, до Македонците, Албанците, Власите, Србите,Турците, Бошњаците, Ромите, сите христијани, муслимани, евреи, да ја прифатат подадената рака на ВМРО-ДПМНЕ од каде ќе добијат потпора во борбата за подобро утре, во реформите, за работа за сите, за подобар живот.

Тој повика на обединување и национално единство, содржана во кратенката ДПМНЕ не само како што рече заради историскиот континуитет како идеја и организација нераскинлив дел од македонското национално движење и национален идентитет, туку иствремено и како обврска да се случи македонско единство во мигови, како што рече, кога ѝ е најпотребно на Македонија. Во таа насока, тој најави мораториум во нападите кон партијата Левица и движењето ЗНАМ.

„Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ, но и како моја обврска да се обидам да ја реализирам идејата за национално единство во миговите кога таа и е најпотребна на Македонија. Со Левица и ЗНАМ имаме разлики од идеолошка, но и од принципиелна природа, но ценам дека во моментов најклучно за иднината на земјата е да се фокусираме на оние кои ја киднапираа од рацете на граѓаните. Разидувањата сигурно ќе продолжат, но мораме да наоѓаме заеднички јазик…Македонија мора да се обединува по сите основи“, рече тој.

Тој ги повика на обединување и членовите на СДСМ, независно дилемите и стравувањата, да бидат дел од генерацијата што, како што рече, ќе биде горда затоа што успеала да ги запре поделбите по партиска основа и ги мобилизирала сите капацитети и потенцијали во функција на развој на државата.

„Ви ветувам можете да се потпрете на нас. Гледате каква е ситуацијата и што се случува. Знам дека и вие се срамите од ова што се случува. Има и многу од вас дури и чесни функционери кои ми пристапуваат, и секогаш кај мене ќе имате отворена врата. Ќе чекориме заедно напред, јас ви го ветувам тоа“, рече тој.

Претходно свое обраќање пред охриѓани имаше кандидатката за претседател поддржана од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.

Таа даде свое видување на кратенката ВМРО, за која рече дека од револуционерна на овие избори ќе стане реформска, како вистински одговор на ова време, додека оваа година АСНОМ ќе се слави не како антифашистички туку како антикоруптивно, антикриминално заседание на народното ослободување на Македонија од авторитарната власт.

„Наближуваат 24 април и 8 мај. Мислам дека дојде моментот на овие датуми ќе одлучите дали Македонија како ‘твоја’ и ‘горда’ навистина ќе биде проевропска бидејќи ако Македонија ако не е твоја ниту горда, не може да биде ниту европска држава. ЕУ е единство на различностите, а ние со културата, ние со образованието, ние со традицијата на почит кон оние кои ги дадоа животите за првиот, вториот и третиот Илинден,  можеме и мораме да зачекориме во четвритиот Илинден на Македонија правна, демократска, стандардна европска држава“, рече таа.

Носителот на листата на Коалицијата за Изборната единица број 5, Ѓорѓија Сајкоски, пред охриѓани рече дека бројноста на луѓето на собирот говори дека и на 24 и на 8 мај победата ќе биде голема, Македонија ќе биде повторно горда, како што рече „Македонија ќе биде повторно твоја, Македонија ќе ја види промената“.

„Овие избори се голем испит за сите нас, ќе ги запреме овие немилосрдни уништувачи на државата или ќе се откажеме, ќе ги победиме овие неспособни манипулатори или ќе се предадеме. Нема ниту да се предадеме, ниту да се покориме, туку со ум, разум и работа и храброст ќе работиме за Македонија“, рече тој повикувајќи ги сите граѓани, независно партиските определби и вероисповест, да се обединат во борбата против корумпираната власт.

Куси обраќања од говорницата на митингот уште имаа и тројцата кандидати на изборната листа на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид – претседателот на општинскиот комитет (ОК), Сашо Донев, Грација Бакраческа и Лидија Петкоска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ