петок, 10 мај 2024

Русија започна силна копнена офанзива во регионот Харков: „Се обидува да ги пробие украинските одбранбени линии“ (ВИДЕО)

Русија денеска започна копнена офанзива во североисточниот украински регион Харков и се обидува да ги „пробие украинските одбранбени линии“, соопшти Министерството за одбрана на Украина, додавајќи дека борбите продолжуваат.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска потврди дека се водат „жестоки борби“ во пограничната област Харков, каде Русија започна копнена офанзива.

„Русија започна нов бран контраофанзивни дејствија во таа насока“, рече Зеленски на прес-конференција, уверувајќи дека украинскиот Генералштаб е запознаен со тоа и дека се подготвил за истото, додавајќи дека во таа зона „се водат жестоки борби“.

Украинското Министерство за одбрана претходно соопшти дека во текот на претходниот ден „непријателот“ извршил воздушни напади врз секторот Вовчанск, кој се граничи со рускиот регион Белгород, користејќи наведувани бомби.

„Околу пет часот утринава непријателот се обиде да ги пробие нашите одбранбени линии со оклопни возила“, се додава во соопштението на Министерството за одбрана, без да се прецизира каде точно се случил нападот.

Министерството тврди дека нападите се „одбиени“, но дека „борби со различен интензитет“ продолжуваат и дека „резервните единици“ се распоредени за зајакнување на одбраната на зоната.

Голем дел од Харковската област беше окупиран, а потоа ослободен во 2022 година. Тој пограничен регион и истоимениот главен град, втор по големина град во земјата, често беа мета на руски воздушни и артилериски напади во последните месеци.

Во последниве недели, Украина стравува од потенцијална нова руска офанзива во таа зона.

Извор од украинската воена команда денеска изјави дека Русија се обидува да создаде „тампон зона“ во пограничниот регион Харков за да ја спречи Украина да го гаѓа рускиот регион Белгород, кој е честа мета на украинските напади.

Започнати се евакуации во Вовчански, каде живеат околу 3.000 луѓе, и во околните градови на регионот Харков, поради „масовното бомбардирање“, изјави шефот на локалната воена управа Тамаш Гамбарашвили.

Руските сили навлегле еден километар во украинската територија и се обидуваат да напредуваат, изјави висок функционер во украинската воена команда.

Украинската војска има потешкотии на фронтот, ослабена поради недостигот на регрути и доцнењето во испораката на помошта од Западот, што ги исцрпи резервите на муниција, а руските сили бавно напредуваат главно на исток, но не успеваат да направат вистински пробив.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ