четврток, 18 април 2024

Решение за приватните специјализанти ќе има, ама по изборите, ветуваат од Министерството за здравство

Министерството за здравство (МЗ) денеска го повтори ставот дека решение за приватните специјализанти кои од понеделникот се во штрајк ќе има по изборите, како и дека 10 проценти од нив немаат здравствено осигурување од причини што или не се јавиле во подрачните служби или не го исполнуваат условот од аспект на остварените приходи бидејќи добиваат паричен надомест.

Објавено на

часот

Сподели

„Министерството за здравство секогаш се залага за подобрување на условите за работа на здравствените работници и соработници, меѓу кои спаѓаат и приватните специјализанти. Во изминатиот период, приватните специјализанти остварија неколку средби со министерот за здравство и со претставници од Министерството, кадешто се слушнаа нивните барања и се изготви извештај, со цел изнаоѓање решение за нивниот работен статус.  На последната владина седница беше донесена одлука согласно закон, веднаш по изборите, да се подготват предлог законски решенија со коишто ќе се предвидат нивните севкупни права и одговорности“, наведува МЗ во соопштение.

Во однос на двете барања на приватните специјализанти, се посочува во соопштението, дел од приватните специјализанти веќе имаат здравствено осигурување и се во работен однос, додека пак 10 проценти од приватните специјализанти немаат здравствено осигурување од причини што или не се јавиле во подрачните служби или не го исполнуваат условот од аспект на остварените приходи бидејќи добиваат паричен надоместок.

„Во 2018 година, приватните специјализанти првпат беа препознаени во јавното здравство и платени за својата работа. Покрај финансискиот надомест, тие добија можност за исплата на дежурства и здравствено осигурување.  Ставот на Министерството е позитивен кон нив, со цел да им се излезе во пресрет, но решение ќе има после изборите. Овие години, се направи значителен напредок со покачување на платите на здравствените работници, подигнати се капацитетите во јавното здравство и вратено е достоинството на сите здравствени работници и соработници“, пишува во соопштението.

Над 400 приватни специјализанти пред четири дена стапија во генерален штрајк и не ги извршуваат работните обврски, со барања да им биде зголемен надоместот од 26.000 денари на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа, да добијат здравствено осигурување и да им се реши статусот што сега им е со договор на дело.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ