За една година само во Тетово откриени се 59 технички неисправни возила кои вршеле превоз на патници
Според евиденцијата на полицијата, најчеста неисправност констатирана кај санкционираните возила биле неисправни сопирачки, како и неисправни уреди за управување, додека кај неколку од нив недостигала и потребната опрема што требале да ја поседуваат.
„Секторот за внатрешни работи Тетово во континуитет врши контроли на возилата кои вршат јавен превоз на патници, пред сé, на автобуси и комбиња кои секојдневно или транзитно сообраќаат на подрачјето. Упатуваме апел до возачите на автобуси и комбиња редовно да ја проверуваат техничката исправност, со што ќе придонесат за сопствената и за безбедноста на патниците кои ги превезуваат и за што се најодговорни. Истото се однесува и на фирмите-превозници, чија законска обврска е да обезбедат максимални услови за нормално и безбедно превезување на патниците, без разлика дали организираат локални, национални или меѓународни дестинации“, вели Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Законски предвидените поднесоци и парични глоби согласно Законот за возила за физички лица изнесуваат 400 евра во денарска противвредност, a за правните лица 2.000 евра во денарска противвредност и дополнително 500 евра за одговорното лице.