Во судар на автомобил со локомотива повредени две деца и нивната мајка
Во железничка сообраќајна несреќа во Битола тешко повредени се две деца, а нивната мајка се здобила со лесни телесни повреди. Незгодата се случила околу 8 часот изутрината во градското подрачје во населба „Карпош", во непосредна близина на ОУ „Коле Канински", каде од досега непознати причини се судриле моторно возило и локомотива.
Во железничката сообраќајна несреќа повредени се децата на возраст од 2 и 5 години кои биле хоспитализирани во Клиничка болница-Битола, но здравствените власти посочуваат дека двегодишното дете ќе биде транспортирано на клиниките во Скопје.
СВР-Битола поведе истрага за овој случај.