МКД.мк

Со невалиден тест за ковид полицаец со поткуп пуштил патник на Деве Баир

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против полицискиот службеник И.Г., вработен во Полициската станица за ГП и ГН Деве Баир поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп" по член 357 од Кривичниот законик, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Пријавениот на 16.04.2022 од оштетениот А.Ѓ. побарал и примил парични средства за да не изврши службено дејствие кое морал да го изврши, односно му овозможил да ја помине границата без валиден негативен ПЦР тест, кој во тој период бил задолжителен при влез во Република Северна Македонија.

Против полицискиот службеник ќе биде покрената и постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, како и отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка, информираат од МВР.


Извор: https://www.mkd.mk/crna-hronika/so-nevaliden-test-za-kovid-policaec-so-potkup-pushtil-patnik-na-deve-bair