Новата шкода фабија може да помине повеќе од 900 километри со еден резервоар гориво
Благодарение не ефикасните мотори и аеродинамичниот дизајн, градскиот автомобил ќе има радиус на движење со еден полн резервоар од над 900 километри според ВТЛП циклусот.
Шкода фабија ќе се нуди со пет бензински мотори на новата ево генерација на Фолксваген групацијата, во согласност со Еуро 6д стандардите на издувни гасови. Она што е особено интересно е што најголемиот дел од моторите и менувачите за новата фабија ќе ги произведува Шкода во Чешка.
Шкода објави дека дострелот од над 900 километри може да се постигне со четири од петте мотори (најверојатно не со 1,5 ТСИ) во комбинација со поголемиот 50-литарски резервоар. Ова значи дека основната фабија со серискиот 40-литарски резервоар нема да може да вози толку долго без долевање гориво.
Понудата на мотори почнува со атмосферскиот трицилиндерски 1,0 МПИ, со 65 или 80 коњски сили. Овие опции се идеални за оние на кои не им се важни перформансите, бидејќи на најспората фабија ѝ се потребни 15,9 секунди за спринт од 0-100 км/ч со максимална брзина од 172 км/ч.
Потоа следува трицилиндерскиот 1,0 ТСИ со турбина, со верзии од 95 и 110 коњски сили. Помоќната верзија има и 6-брзински рачен менувач наместо 5-брзински, и опција за 7-брзински ДСГ.
На крај, најмоќната верзија е четирицилиндерскиот 1,5 ТСИ со 150 коњски сили, само во комбинација со автоматски ДСГ менувач. Ова овозможува забрзување од 0-100 км/ч за 8 секунди и максимална брзина од 225 км/ч.