Електричната фиат панда би можела од 2023 да се произведува во Србија
Претседателот на самостојниот синдикат на компанијата Фиат пластик, Зоран Миљковиќ, кажа за Н1 дека добиле неофицијална информација од кабинетот на српската премиерка дека производството на Фиат ќе остане во Србија, а дека од 2023 ќе се произведува електричен модел, најверојатно фиат панда.
„Но, тоа се само шпекулации, допрва очекуваме официјална информација“, наведе Миљковиќ.
Додаде дека ситуацијата е многу тешка, но дека перспективата сепак може да биде светла.
„Бидејќи, тука работната сила е евтина, халите се нови, условите за работа се извонредни, познато е дека не го плаќаат трошењето енергенси во нашата земја. Но, сето тоа изгледа сиво за сега, бидејќи нема нов модел, нема информации, работиме по два, три дена во месецот“, прецизираше Миљковиќ.
Кога станува збор за електричната фиат панда, за која веќе некое време се шпекулира во странските медиуми, станува збор за модел кој треба да биде заснован на концептот фиат чентовенти од 2019 година.
Како што се најавува, новата, четврта генерација на пандата ќе има исклучиво електричен погон, а во понудата, врз основа на цената, ќе се позиционира под електричниот фиат 500е.
Фиат засега ги крие техничките детали.