Поезија

Влакно на јазикот – Тихомир Јанчовски

Стиховите објавени во најновата книга „Влакно на јазикот“ на Тихомир Јанчовски спонтано го наоѓаат патот до своите читатели. Стилски и тематски песните се продолжение на претходни објави на авторот, но тука без „влакна на јазикот“ тој пишува за сето лудило што годиниве наназад се случуваше на општествен план.

Општочовечка

Сите сме исти
сакаме нешто совршено
нешто без фалинка, без мана
на кое не може ништо да му се додаде
ни да му се одземе
и така да стои, да постои, да остане.
И да опстане.
Состојба без грешка.
Таква состојба сакаме.
Сакаме да сме совршени.
Сите до еден. Од прв до последен.
Согласје од А до Ш
и сега и секогаш.
Чудо е што не ни успева
и чудесно е што сме живи.
Според некои хипотези,
сиот наш живот, и сета историја
на оваа планета
е безначајна прашинка
во некој поголем свет
кој е иста таква безначајка
во некој уште поголем свет.
И така во бескрај.
Глупости.
Тоа се само помисли.
А ние сме луѓе.
Множината треба да се укине.

Светот опасно се менува

Светот опасно се менува
во дваесет и првиот век
ги снемува тие што садат
се множат тие што јадат
големите градови стануваат
уште поголеми
селата и малите градови
умираат, секаде
и сите нешто се школуваат
божем се усовршуваат
а животот им минува
во ученички клупи, читални
универзитетски ходници
по семинари и обуки
во канцеларии и лаборатории
по клиники и судови
технолошкиот напредок и капитализмот
никако не може да се усогласат
па излезот се гледа
во евентуално изумирање на
две третини од човештвото
иако производството на храна
за 7, 8 или за 10 милијарди
не е никаков проблем
проблемот е што не може набрзина
да се смислат начини
како сета таа маса луѓе
да се искористи
за нечие богатење
па станува непотребна

Еднаш одамна прочитав
дека во последните времиња
луѓето ќе ја изгубат
љубовта за дрвјата
и тие веќе нема
да им дадат плод

Македонска работа

Ако со луѓето си културен и фин
кај нас, тешко да завршиш работа.
Еве, ако треба да направат нешто
што сте се договориле
и времето на договореното наближува
и ти се јавуваш и ти велат
уште не е готово, ама ќе биде, ќе биде.
Ако, нема проблем, ќе почекам
само да е на време, тогаш!
И како да им викаш
не го ни прави, гледаш, не сум бесен...
И времето еднаш ќе дојде...
и ќе ти одговорат
не направивме, ова и ова не најдовме,
не можевме, овој и овој
нѐ зафркна и поради него...
не е до нас...
Не ти се верува!
Си бил со луѓето човек
а тие со тебе – стока
не разбираат од збор, ни даден ни кажан
нели им рече со убаво?
И после нова тактика,
се кријат и не креваат слушалка.
И конечно, кога ќе ги најдеш,
и ќе им свикаш
и ќе ти сетат ровја во гласот
и ќе ги отераш кај што не треба
и ќе им кажеш: ќе те најдам,
и ќе ми платиш за ова и ќе те правам сол...
И оп, гледаш, работата одеднаш
можела да се заврши
се нашло сѐ што требало
и сепак сѐ е навреме
баш во последен час...
И после ти си испаднал силеџија,
македонска работа.

Влакно на јазикот

Веќе подолго време се прашувам
како на луѓето им растат
влакна на јазикот?
Не можат да го кажат тоа што го мислат.
Сакаат, а не можат.
Влакната им ја држат устата затворена
или ги тераат да одбираат меки зборови,
или уште полошо, да лажат и лицемерат.
Што е работата?
Образование ли е, воспитание,
дипломатија, политика, страшливост?
По малку од сѐ?
Малку се луѓето
што сѐ си кажуваат во очи.
Чудно, обично никој не им се лути за тоа.
Барем не отворено. Дека се ретки.
Ги викаат „диви“.
Преку глава од „питомите“.

Рурбана помија

Лош е и тежок овој „народ“
што сака сочно да плука и пцуе
кому подрумите и утробата му смрдат на мувла
што сака да јаде скара на кило
ќебапи со кромид и пица на парче
што труе кучиња, моча по влезови
и фрла кесиња ѓубре и пластични шишиња
кај што ќе стигне

Мачен е и груб овој „народ“
што брзо старее
што со заби му се смее од уво до уво
и му ракоплеска на секој моќник
од кого може да има корист
и го презира и му се сити
на секој подолен и послаб од себе

Гаден е и долен овој „народ“
а уште погадна неговата „елита“
што „учела“ за да не работи
и не сака да крева потешко од пенкало
што се фали дека пие виски место ракија
и оди на пивофест, концерти, џез, класика
Клајдерман и Цеца

Грд е и непрокопсан овој „народ“
оваа транзициска рурбана помија
без никаква вера и идеологија, телесно сосема
само со осет за идентификација
со сличните на себе

Добро што Земјата го држи

Фотографија: Сашо Димоски

Толку убава, чиста земја, богата со шуми, планини и природни ресурси ја претворивме во Мордор.

повеќе

Сè повеќе се зборува за диверзификација на приходите, наместо фаворизирање само еден извор на финансирање.

повеќе

Пранкот врз премиерот го откри „гангот" кој управува со државата.

повеќе