Поезија

Вештерките денес – Калиа Димитрова

Со објавата на поетската книга „Вештерките денес“ од Калиа Димитрова стартува новата едиција „300 ветрила!“ на издавачката куќа „Темплум“. Едицијата му е посветена на Огнен Чемерски (1974-2017). Калиа Димитрова (1991, Скопје) работи во невладиниот сектор во Македонија, фокусирајќи се на проекти од областа на културата, родовите прашања и книжевноста. „Вештерките денес“ е нејзината дебитанска поетска книга.

вештерките денес

точакот на бети
свети како диско топка
по долгите булевари.
уличните светла
згаснуваат
пред нејзиниот сјај.
таа не вози. лебди
пар сантиметри
над асфалтот
што се топи под неа.

бети има црна коса
црвени усни
боси стапала
и светкави канџи.
жена вражесна
со жар за неволја.

кога ја видов бети
очите ми станаа
вжештени комети.
сè што сакав да знам
е како и јас да станам
вештерка.

соба во берлин

мапата на фабиан
спие на сини бранови
кои проаѓаат низ неговата
растурена соба.

неговите сни цутат
од стар цветен килим,
кој ја носи пролетта
назад во берлин.

неговото огледало
ти се смее со лик
на минат љубовник.

не успеваш да го видиш,
само можеш да преспиеш
на неговиот тврд кревет.

град во облаци

а што сум јас освен потомче
молкум од газибаба кое градот го гледа?
ништо не е мое:
ни падините на водно
скриени под цветови и кондоми
ни струењето на вардар
сосе шишиња, галии и врби
ни камени мост со пукнатинитеи просјаците,
коцкастите бетонски ливади и скејтерите,
во дебар маало пар пркосни куќички,
пазарче, банански лушпи, баби со букети
без тезги, деца со ранци обесени
на излупените огради пред песталоци
кои жожорат во распаѓачкиот декор:
угоре високо удолу длабоко.
а сепак, мој глас е оној
што пред мене тука стоел,
чујго,
шумот на градов во облаци,
тивок,
но продорен и буен,
буди, храни, движи...
скопје е добродушен наутро
(како да не му дадеш нова шанса?)

мачки

знам девојки
како тебе.

ти ќе останеш сама.

сите околу тебе
ќе живеат свој живот.
ќе имаат работа, имот и ред.

ти ќе останеш сама.

ти не знаеш да станеш
едно
со друг.
ти си остров.
ти си туѓ збор.
ти сакаш журка наместо живот.
ти си љубовта на мојот живот.

ти ќе останеш сама.

сите околу тебе ќе имаат
дом, тостер и деца.
ти ќе се лечиш од осаменост
лижејќи се.
ти си мачка.

ти ќе останеш сама
и ќе ти биде жал.

доволно ми е.
слободна си.
-кажа
пред да стане песна.

како да исчезнеш од лицето на земјата

стави очила за сонце и гледај го сонцето во очи.
не разговарај во име на стравот од тишината.
заборави на вчера. заборави на утре. пробај да заборавиш на сега.

заборави на своето тело.
почни од палците на нозете.
заборави на изгребаниот лак на ноктите.
заборави ја тврдата кожа на лактите и мртвите клетки на петите.
заборави на влакната и поткожните влакна.

заборави на матката.
заборави на папакот и папочната врвца.

заборави на јазикот, зборовите и знаењето.
заборави ги сите случени разговори и оние кои си сакала да се случат.
заборави на болката. заборави на задоволството.
заборави го егото, полот, либидото, сексот.

заборави на пајажината во ќошевите и мравките на подот.

дозволи му на заборавот да те голтне со леснотија. ти си прашинка на еден осветлен камен кој кружи.
почни да умираш
со стил.

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе

Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика.

повеќе