Поезија

Три песни – Адам Загајевски

„Пишувањето стихови, сепак, е постојано почнување одново, тука нема рутина, само очекување на следниот дар од тоа што некогаш го нарекувавме вдахновение, а на што денес немаме добар назив“, напиша полскиот поет Адам Загајевски, откако беше прогласен за добитник на „Златен венец“ на СВП за 2018 година. Тука објавуваме три негови песни.

Во туѓата убавина

Само во туѓата убавина
има утеха, во туѓата
музика и во туѓите стихови.
Само кај другите има спас,
макар и самотијата да има вкус на
опиум. Не се пекол другите,
ако се здогледаат наутро, кога
чисто имаат чело, измиено од соништа.
Затоа долго мислам, каков
да употребам збор, тој или ти. Секое тој
е предавство на некое ти, токму
затоа во туѓиот стих верно
чека студен разговор.

 

Сега, кога го изгуби помнењето

Сега, кога го изгуби помнењето
и можеш само беспомошно да се смешкаш
би сакал да ти помогнам – зашто своевремено
токму ти, како демијург, ја отвори мојата фантазија.
Се сеќавам на нашите патешествија, волнестите облаци
кои пловат ниско над влажната шума во планините,
(во таа шума го знаеше секое патче), како и на
летниот ден кога се искачивме на врвот
од високиот морски светилник на Балтикот
и долго го гледавме бескрајното бранување на морето,
неговите бели плетки разресени како нитки за фирцање.
Не можам да го заборавам тој миг, мислам дека и ти беше тогаш
трогнат – се причинуваше како да го гледаме целиот свет,
безграничен, дишејќи спокојно, син, совршен,
истовремено јасен и маглив, близок и далечен;
ја чувствувавме тркалезноста на оваа планета, ги слушавме галебите
кои се забавуваа со леснолетање
низ топлите и ладните воздушни струи.
Не умеам да ти помогнам, имам само едно помнење.

 

Тема: Бродски

Молам да се запише: роден во мај,
во влажен град (оттаму мотив: вода),
наскоро потоа под опсада на армија,
чии офицери носеа во ранците
том од Hölderlin, но, за жал, немаа
време за лектири. Премногу работа на терен.

Тон - сардоничен, очај - вистински.
Постојано на пат, од Мексико до Венеција,
љубовник и говорител кој неуморно
агитира за својата непрактична партија
(нејзиното име: Поезија версус Бесконечност,
или ПВБ, ако некој љуби скратеници).

Во секој град и во секое пристаниште
имаше свои агенти; понекош запејуваше стихови
пред ентузијастичката толпа која ништо
не разбираше - потоа уморен, палеше gauloises
на бетонското крајбрежје а галебите кружеа над него
исто како над Балтикот, дома.

Преголема интелигенција. Омилена тема: времето
версус мислата, која гони фантоми,
ја оживува Марија Стјуарт, Дедал и Тибериј.
Поезијата требаше да биде како коњските трки:
коњите се диви, јавачите - од мермер,
целта - невидлива, се губи во облаците.

Молам да се запамети: иронија и болка;
болката одамна живееше во срцето
и сé повеќе растеше – толку,
колку што секоја од него напишана елегија
го љубеше егоистично и сакаше,
токму тој да биде нејзиниот херој –

но, Ве молам господа - трпение,
веднаш завршуваме - навистина не знам,
како да го пренесам тоа таму: таа речиси нежност,
и насмевка, сосема несмела,
моментот на колебање, мекоста,
кратката пауза во аргументирањето.

Препев од полски јазик: Звонко Димоски

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе

Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика.

повеќе