Поезија

Стан што се распаѓа – Биљана Стојановска

Поетесата Биљана Стојановска е третиот добитник на наградата „Тодор Чаловски“, која Здружението за култура, литература и уметност „Галикул“ ја доделува на млад автор од Македонија во областа на поезијата, книжевната критика, есеистика и проза. Наградата е востановена во сеќавање на истакнатиот македонски поет, литературен критичар, преведувач и есеист Тодор Чаловски (1945-2015) и истата резултираше со издавање на нејзината втора книга „Стан што се распаѓа“ во издание „Галикул“.

ЦВЕЌЕ РАСТЕНО БЕЗ ЃУБРИВО

1.

Го прашав татко ми на сон
како успеавме толку да се оддалечиме.
Не ми одговори, само ми подари цвеќе
и остро ме прекори дека одамна ги немам
нахрането рибите.
Му реков дека имам аквариум, но не и риби.
И отрчав дома да проверам.
И риба имаше во аквариумот,
голема, што растела од глад.
Подизлезе со половина тело од водата
и ја отвораше устата чекајќи храна.
Ја нахранив и таа веднаш се породи.
Полн аквариум со мали рипчиња.
А потем отрчав во другата куќа,
во таа во која не живеам,
и таму го ставив цвеќето во вазна
оти не ми се допаѓаше.
(Не знае ни какво цвеќе сакам,
мислев додека го ставав во садот со вода.)
Не е страшно, куќата ми е близу.
Кога сакам, можам само да претрчам
и да гледам како полека цвеќето венее.

2.

Веќе неколку дена ги рушат бараките
што беа сместени до онаа во која работам.
Багери, машини и купишта отпад.
Наскоро ќе ја срушат и нашата.
И сето тоа не ми е сеедно
оти веќе одамна се имаме научено да рушиме
бараки, објекти, планини, паркови, пријателства, љубови и вселени.
Не за да изградиме нешто ново, туку само за да нѐ нема.

3.

Еднаш барем да чуев вистина.
Да тропнев со тупаница на масата,
а таа да се затресеше и да потскокнеше
како монета без вредност.
Духовното уназадување се смета за напредок.
Климањето со глава за согласност.
Гледањето во очи за шизофренија.
Малото невнимание е можност за злосторство.
Стисокот на раката влева страв.
Космичка правда ставена на потсмев.

Ми тропаат безвредните монети во џебот
додека возам велосипед среде улица.
Прават симфонија без композиција.

ТРЕБА ДА СЕ ЧИСТИ

1.

Катаден пред да излезам го чистам подот во тоалетот.
Малтерот упорно паѓа од плафонот
додека соседите над мене спијат и сонуваат жаби.
Кога се враќам дома, подот повторно е направен бербат.
Јас чинам чисти
плафонот вика валкај.
Чисти, валкај, чисти, валкај, чисти, валкај.
Трета светска војна со душевната санитарна инспекција.

Потем од умор се предавам,
легнувам во барата и почнувам да сонувам жаби.
Ништо не уморува повеќе од сизифовското чистење на животот.

2.

Постојат домови со грди декоративни украси
што се чуваат само затоа што ги подарил некој драг.
Постојат домови со фотографии
на луѓе што одамна заминале и нема да се вратат.
Постојат домови со многу непрочитани книги
со посвети од некој што некогаш многу значел.
Постојат домови во кои сѐ уште
покрај четкичката за заби стои уште една четкичка
на некој што нема повторно да ја употреби.
Постојат домови во кои
не се бришат спомените
туку само прашината падната врз нив.

3.

Почнувам да сонувам соништа што навестуваат.
Поради нив неколку дена непрестајно јадам
небаре храната ќе ја пополни празнината
додека очекувам нешто да се случи.
Мандарините, кои ги немам, ги лупам
и лушпите ги оставам на печката
за да шират мирис на привиден мир.
А потем за смирение, лупам пиперки
и ги мијам садовите, кои ги нема,
оти се бербат направени.
Нема смисла да се напуштат соништата
и да се дочека утрото со мијалник полн валкани садови.

4.

Ги набљудувам трошките што си ги оставил на масата.
Тоалетната хартија повторно не е на истото место.
Супата е преладна, а креветот нема свежо испрани чаршафи.
На чашите за вино има дамки од вода
оти не се убаво исушени и измиени.
Повторно си се избричил и не си ми убав.
Знам, и јас те нервирам оти пепелникот ми е полн.
Проблемот, љубов моја, е што немаме проблем.
Да беше некаде оженет и со деца, сигурно многу ќе те сакав.

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе

Ништо не ме научи повеќе за моите родители, а и за мене, од храната што тие ја обожаваа откако избегаа од Босна.

повеќе