Поезија

По трагата на белиот грифон – Стефан Марковски

Поетската книга „По трагата на белиот грифон“ од Стефан Марковски (1990, Гевгелија) е издание на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје. Станува збор за 5-то поетско остварување на Марковски. Збирката вклучува 45 песни без циклуси на шеесетина страници и е вклучена во едицијата „Огнови“.

Патот до лебедовиот облак

Околу распетие од небосреќен спомен
парадираат духови на идните мината
чадор од маргарити ни ги штити сните
од ангели со лажни крилја над болничките постели
цветни мириси диктираат ритам на животи
одживеани в ехо на птици и хармоники што маршираат
по калдрмата на тесните улици
во надеж да не се разделиме.

Среде метро населено од гробови со души в бел повтеж
што ползат кон иднината
погодена со копје в гради кои изрекуваат страшен суд
септемвриски облак в солзомир
ја лее правта на господовите пеперуги
што ја чекаат рацете
за да го дочекаат небето
за да го сочекаат лебедот што ќе нѐ земе
облак да сме.

Метафизика на Љубовта

Под себојно виножито од зачини
бродоломно запловени низ воздухот
под стреата на Андромеда
ме чека портал
чиј пат е низ месата на
свежо пристигнатите во земјата
која никој не се труди да ја освои.

Чуварите на небото
се согласни дека твојот ангел
има вкус на ружа
нечии крила паѓајќи
праќаат поздрави
до планетата што си ги јаде
незачнатите деца
нетрпеливо чекајќи ѝ го смртодопирот
или твојот нос
и прстите твои
што чезнеат по свети зачини
божји прашини.

По трагата на белиот грифон

Во тело на ѕвер-полубог се капат империјални сенки на хтонските сили
царства споени во сингуларитетот на сите битија
стануваат златни руини под замави со крила од челични перје
во темјанов чад се облечени издишките
низ кои богови испраќаат одговори
кога минуваш низ тунелите од стаклена надеж
девствена крв ти ги напојува клетките.

Грифон продира далеку во небесата
во потрага по
величествен ден за совршена меланхолија.
Сите знаат
малку веруваат
дека празнината во секоја белина
е најшареното виножито зашиено во точка
бунарот во кој се дават душите
илузија е на сите судбини
погребани во тунел со еден излез
каде небесните синила се отсјај од стакла на осамени возови.
Азиските ветрови дуваат статуи од месо
пред да ти го откријат патот кон единствената вистина – надолу
сите дефиниции за радост и мудрост се кочии со експлозив
што си го чека мигот пред лица
кои допрва ќе црвенеат.

Дождот е бес на миријади огледала и мечеви
тие ја вардат невиноста на парчињата земја меѓу нас
и магијата на воздухот со вкус на бели птици
црни пци ја ловат месечината на квечерината
и криејќи се зад планините
лаат со лавовски крик
тогаш ноќта од себеси скулптира нови тунели на надежта
девствена ко нескршено шише вино
вперено кон патот.

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе