Поезија

Пеперутка од пепел – Сузана В. Спасовска

Сузана В. Спасовска (1972) досега ги објавила стихозбирките „И љубов и заговор“ (1996, Македонска книга), „Смртно писмо“ (2004, Блесок), „Божествена жена“ (2006, Темплум), „Низ темјанот, еден лилјан“ (2014, Антолог), а „Смртно писмо“ е објавена и како е-книга. Пишувала и објавувала книжевно-теориски текстови во периодиката и работи како професионален лектор. Неодамна Спасовска ја објави својата најнова стихозбирка „Пеперутка од пепел“ како самостојно издание поддржано од Министерството за култура.

Пеперутка од пепел

Лета таа над вековите
блеска како чисто злато
ја споредуваат со рајска птица
но од неа само крилата
ги позајмила
божјиот ракопис врз нив е впишан
ретко кој знае да го прочита
посегне ли некој по неа
таа в пепел се престорува
чекајќи повторно некој крај огништето
за неа да почне да сонува

Ѕвезден сејач

На рибарот мрежата се скина
и одеднаш сите морски ѕвезди
светнаа на небото

Светата долина на солзите

Сред долината на солзите седев
сѐ дури не направив
едно море за тебе.
Дури те чекав да се вратиш
од твојот далечен пат на југ
го истражував неговото дно
сите камчиња ги превртував
сите билки ги разгледував
и учев како се живее подводно
како се станува сирена.
И не знаев што да се прави сред тоа море од солзи
-           дали да се бара најголемиот жител на морињата
со песна да се повикува
или да се вратам на брегот
и да чекам да се вратиш
ти, јужна птицо
за оган да спотнам во каменото огниште
околу кое еднаш моето племе се собираше

Крунисување

Само таа може него да го круниса
Во нејзината ноќ
неговата љубов силно свети
оти таа е директна врска
со космичката светлина

Само таа може него да го круниса
кога во нејзината ноќ
ќе исчезне неговиот страв
од исчезнување
оти ништо на овој свет не исчезнува

Само таа може него да го круниса
оти во нејзината ноќ
неговиот ореол
свети и без круна

Преобразби

Дури сме мали
Сме водени
Пливајќи во течности

Во текот на животот
Блуеме оган
Како доказ дека сме змејови

А пред да издивнеме
стануваме свесни дека сме крилати

Остатоци

Ќе ме бараш во срцето на секој цвет
А таму само капки роса ќе најдеш –
Моите солзи за тебе

За жал многумина, а особено оние што треба, не може да ја видат историската димензија на оваа посета на еден папа на нашата земја.

повеќе

Кога знаеме како функционира кризата на претставеност, можеме да спречиме повторување на историјата, кое можеби овој пат би имало и многу полоши последици по демократското општество.

повеќе

Деновиве Владата донесе одлука за формирање на ново министерство. А и така, по глава на жител, верувам, рекордери сме по министерства и министри. Оттука, размислував зошто да не предложам да се формира уште едно – за „спречување автоголови".

повеќе