Поезија

Патот – Виолета Танчева-Златева

Поетската збирка „Патот“ на Виолета Танчева-Златева, издание на „Паблишер“, ја доби престижната награда „Ацо Шопов“ за најдобра поетска збирка во 2018 година на традиционалниот избор на Друштвото на писателите на Македонија. Тука објавуваме четири песни од наградената збирка.

По патот на Поезијата

Натнувам патничка облека
и тргнувам во потрага по среќата

Угоре високо
удолу длабоко
Се обидувам да ја најдам средината

Но и кога зборувам со ветровите на промената
сфаќам дека не можам да се откажам
од Поезијата

Судена ми е
во дамарите запишана

Душата ми ја замирисува
со перуниките пурпурни
откај бориевските плотови
и го воскреснува детето потулено во мене
Секојдневјето ми го утешува
и ми го подзема торбето патничко
за да се одморам од сите друмови заталкани
од сите отворени и за мене затворени иднини

Нема каде потаму од себеси
Од Нас
Од Неа
Судена ни е
во крвта залегната

Патот до дома

Несетено
како јата одлетаа годините
Браќата ангели се изморија
вардејќи ме од моите непромислености
и од лошите намери на луѓето
Уште сум дете како од времето
кога Господ со кросно на разбој
го ткаел светот
Шетам опиена од дивите билја на пролетта
збудалена од широчините што ги мамат очите

Нагрни ме со наметка од ветер
зеленило мое
прибери ме распослана низ времето
и во косата ѕвезда закачи ми
што ќе ми ја осветлува ноќта
Зашто се плашам дека маѓепсана
од Поезијата
ќе го заборавам патот за назад
до моето кибритно кутиче именувано
дом

Најверниот

Во ова време на неверни томовци
ти си ми најверниот пријател
Ме будиш секој ден
со топол допир проникнат со светлина
и ме опсипуваш со насмевки
во кои спијат сите надежи
што чекаат да бидат разбудени

Можност си и за најтешкото

Со сладина ме храниш
До последната капка ме цедиш
А потоа одново ми ги полниш дамарите
за нови средби со тебе
Во ова време на непостојаности
ти си ми најнеколебливиот љубовник
И кога знам
премалена
да те изневерам со креветот
не се откажуваш од мене
Ме подземаш со своите жилави раце
и ме креваш
ме тегнеш
на нозе да ме исправиш
Да ме довардиш за себе Животе

Молитва на рацете

Колку работи поминуваат секој ден
низ овие мали раце!

Раце цврсти готвачки и мијачки
раце вешти принесувачки и раскревачки
раце чистотници за крпи обични и магични
и за влакна паднати на погрешни места
раце тресачки на килими черги и чаршафи
раце другарки на чинии чаши вазни и дреболии
за разубавување на секојдневното сивило
раце цел на злокобен нож кој подмолно засекува
за да предупреди на потребното трпение
раце друшки за компјутери книги пенкала и хартии
раце пазарувачки од леб до хартија со мирис на камилица
раце галовни мајчински
раце ќеркински
покајнички
љубовнички
копнежливи
прељубнички
раце коритца за капките милост
со кои штедро ме оросуваш Господи

Прости ми
што навечер немам сили
да ги склопам за молитва

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе