Поезија

Небо во кафез – Д.А. Лори

Поетесата Долорес Атанасова - Лори (Д.А. Лори) е добитничка на наградата „Тодор Чаловски“ за 2019-2020 година. Истовремено, Лори ја промовира и својата трета збирка поезија „Небо во кафез“, која ја објавува по збирките „Будење во трето лице еднина“ и „Со ветерот под рака“. Тука објавуваме две песни од „Небо во кафез“ („Човекот“ и „Капка по капка“) и две досега необјавени нејзини песни.

Човекот

Се раѓа од студот на универзумот,
со топло срце,
носен од водите на светот.
Човекот
се раѓа од утробата на жена,
и го подава своето тело
на ударите на времето.
Човекот
го носи рувото на ѕверот,
што скоро го фрлило
од работ на животот
во студената бездна на смртта.
Човекот.
Сака, на своја штета.
Не сака, на своја штета.
Знае да крие и кога спие.
Човекот, таа чудна животинка...

Капка по капка

Го однесов своето прилично живо тело
под силен млаз жешка вода,
да го исперам тоа талогот
од смртта на други,
залепен на кожава,
да ми се отворат пориве,
за полесно да излезе
она гнасното од тегоба и жал...
Колку бесполезен ритуал.

Потоа чекав да истече и последната капка,
капка по капка, до целосна тишина,
и храбро зачекорив во студот отаде вратата.

Нотр Дам гори

Прво се јавија загрижените,
рекоа Гори! Леле, каква катастрофа!
Потоа се јавија згрозените,
рекоа Гори! Уф, ми се превртува сѐ во утроба...
Па се јавија жедните за чуда,
рекоа Гори! Само крстот не!
Се јавија научниците,
рекоа Гори! Златото се топи на 1064°Ц, затоа не!
Се јавија и рамнодушните,
рекоа Гори. Каде е овде железничката станица?
Се јавија владите, богатите и оние што ги нишаат вратите,
рекоа Гори! Шокирани сме! Човечиња, дајте ги платите!
Се јавија сиромашните, бегалците од границите,
гладните и жедните, заборавените и забаталените,
рекоа Гориме!

Ќе се сретнеме ли?

Возам низ градот во ниедно време,
по мокри улици и празни семафори,
по улиците, сеништа од дневниот метеж,
на радио, „Сениште“ од „Архангел“,
Под ова небо железно
никогаш нема да се сретнеме...
Сите ние неколкумина,
во оваа темна ноќ, одиме некаде;
и мачката која знае да оди по вода,
и згрбавениот старец
кој ги влече нозете
полни години и умор,
и јас, замислена зад воланот,
со цигара во рака
и глава полна мрачни стихови,
и моите вчера, денес и утре,
удобно оптегнати на задното седиште...
Понекогаш ноќите се премногу долги,
чиниш никогаш нема да се раздени,
да светне ден и да ме повлече,
да ме сардиса со обврски,
да подзаборавам дека тивко се губам,
дека се разминувам со себе,
со тебе, со другите.

Ќе се сретнеме ли?

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе