Поезија

Небесна пантомима – Зоран Анчевски

Со книгата „Небесна пантомима“ поетот, есеист, литературен преведувач и професор по англо-американска литература, Зоран Анчевски, стана добитник на престижната награда „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска книга објавена на македонски јазик во 2018 година. Тука објавуваме пет песни од наградената стихозбирка.

НЕБЕСНА ПАНТОМИМА
(на душата)

„Моли се за мене сега и во часот на моето раѓање“
според Т. С. Елиот

Само ти, душо моја, умееше да се справиш
со острите копја на моите зборови
и со скипнатата тежина на угарот во мене.

Сега твоето тврдокорно отсуство
ме пронижува како лист ситен тутун
што се суши на скржаво есенско сонце.

Домот ми е премал за чекорите
чија упорност ги заокружува аглите
и ги населува со топли леи од ветувања.

Се претворам во млечен прав што по вторпат
се таложи во темелите од древна црква
во текот на еден човечки живот.

Но друг спомен освен за тебе, душо, немам.
Талкам од еден крај до друг крај
на сопствената пустина без оази –

ги бројам убавите денови закачени
на оптегнат сончев лак од скудно лето
што не дозволува мигови на каење

во привидот на овој живот
што како сидро се спуштил на дното
од една бескрајна небесна пантомима

и спокојно го чекам моето ново раѓање.

ИНДИСКИ РАПСОДИИ
(На Ронче)

1. Конаци на духот

Ако реката можела со тврдоглава упорност
да издлаби корито за својот тек низ времето,
зошто духот не би можел да издлаби
колевка за своето раѓање во каменот?

Порозно е времето на животот човечки.
Минуваме низ него како низ скршено огледало
во кое плотта се ломи во недоглед
и запираме во полумрак во кој се множат еха.

Сенките ријат во неподвижниот танц на боговите
смраморени во вечна екстаза. Телата, снеможени,
се трошат во своето прабитие наталожено ко прашина
од древни ѕвезди што ја вее нов космички ветер.

Жедта е неопходна за такво патување.
Секој чекор го мериме со пролеана голтка пот.
Зракот сончев е небесен камшик што шиба
по плеќите на земјата и отвора распукани рани.

Реката скипнала и се свила во пуста потковица.
Над неа храмови изделкани од благослови и мантри.
Каменот е единствен облик на мирот.
Толку ладен, а од топлина создаден.

Во него е вплотена визијата за светот.

(Пештерските храмови
во Аџанта и Елора, 2016)

ИМА ЛИ НОЌ

Има ли ноќ
што никогаш не дошла?
Што им се покорила
на твоите стапалки,
та по неа, чиниш,
може да чекориш
како по черга, па дури и оро
да играш ситно?

И да има
ти само цупкаш в место
и го продолжуваш денот
во недоглед
како совршена пустина.

Бдеењето во неа
е битка со ѕвезди
што паѓаат ли паѓаат,
надоаѓаат
и упорно сакаат
да ти ги покорат
последните ќелии
во распуканите очи.

А будењето?
Тоа не е доживеан вознес,
туку неопислив ужас
на бесконечната повторливост
наречена вечност.

ДЕНОТ ВРЗ НАШИТЕ ЛИЦА

Денот врз нашите лица
може да се измери со капка дожд
што се лизга по образот
и наоѓа утока во усните.

Убавите почетоци секогаш доцнат
и доаѓаат со потсмешливи прашалници.

Затоа се будиме предоцна
од големите историски кошмари
небаре сме преспале векови
од незнаење и тапкање в место.

Мислевме дека стануваме
сè помлади и помлади

во мугра во која нема роса
во воздух што не цвета –
распупен сал од куси мигови
неизвесна нежност.

Китка од шарени предупреди
ни виси на вратот ко лавров венец –
некој друг тоа ни ги простира стапалките
по рогозината на времето.

А денот врз нашите лица?...

Него секогаш помно ќе го читаме
и ќе му се молиме за прошка –
за малку неизвалкана радост
пред ноќта без трошка разбирање.

ГОРКА КОМЕДИЈА
(сонет во слободен стих)

Има нешто што човека го мачи повеќе
од стравот од смртта, оти таа е сал миг,
како и раѓањето, а животот е нешто друго
на кое смртта ни спротивност не може да му биде.

Тоа е кога животот се претвора во плач
и смеа по мали, плашливи нешта,
што иако никогаш не сме ги сториле,
постојано нѐ следат и нѐ јадат:

се жалиме со зборови на кои не се сеќаваме;
(значењето им е чкрипеж по скршено стакло) –
плачеме по слики што ќе се случат утре;

се смееме со гадливост за тоа што се случило вчера,
во кое никогаш не се родиле доволно зборови
за смешната приказна што ни се одвива сега.

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе

Подгорица во 2019 година ќе добие споменик на Јосип Броз Тито.

повеќе

Mоменталната правна поставеност на урбанистичкото планирање не обезбедува соодветна судска заштита на граѓаните.

повеќе