Поезија

Напишан дом – Ана Голејшка

Во едицијата „Огнови“ на издавачката куќа „Антолог“ неодамна беше објавена новата поетска збирка „Напишан дом“ од Ана Голејшка. Стихозбирката е клуч од нова врата кон поезијата на Ана Голејшка и нејзините приватни растења, а тука објавуваме четири нејзини песни.

Што е љубов?

љубов се многу работи
апаратчето за мерење притисок пример,
ги вкрстува притисоците на мајка ми и татко ми
секој ден наизменично се мери
љубов е тивкиот договор меѓу мене и него кој да ги измие садовите
кутивчето за клучеви во ходник
Јорганите здиплени. Меѓу нив заталкан чорап.
љубов е поштенското сандаче
тегла со слатко од смокви
другарска посвета во книга
и сите новороденчиња што си ги бараат идните денови.

Љубовна

Ги диплиме зраците сонце
низ поткршените ролетни
кафето испарува како челуст на змеј
иде пролет, нам ни се спие
љубовта ја положивме во гнездото на ластовичките

Омилен си ми, речиси препознат од други времиња
неочекуван, скоро како писмо со печат од восок
свила што ми тежи
млечно бело небо во септемвриско утро
за тебе не сакаш да пишувам
ама мене ми доаѓа.

Ги пакуваме сендвичите со несмасност
ги пакуваме подочниците полни тишина
временската прогноза се вози со нас во автомобилот
гулабите летаат повисоко од мислите
светот чека уште еден пар љубовници
за гласно да им се насмее.

По обилни и меки дождови

Градот е ко Тор изморен, чеканот е само привид во пареата,
Такси возилата се пожолтени полиња нарциси во амбиент на Гоген
Светот свири кларинет со тага на циганска черга што се разделува од реката
Го бакнувам градот што ме мие
Од неговите секавици јас раѓам латици диви ружи, липа и костени
Се заигрувам со коцките сеќавања истурени од неговата утроба.
Го бодрам, по секоја борба,
Како храбар љубовник
Да ме врати дома.

Сите патувања се надвор и внатре

крилата се и галебови и од туристичката агенција
поморските единици се мерка за далечината меѓу центарот и Другоста
храната во авион е без вкус
но затоа е најдобра на турската улица, симит и блуз
Чекорите се неспокојни, одмерени само во метро
долги се далгите покрај брегот додека чекаш сонце да пркне
патуваш, со мижуркање додека денот тоне
во себе, во тебе, во нас
уште еден чај, уште едно кафе да се шмркне.

Патуваш, со тебе Евлија Челебија и Моцарт свират без тон
а наслушнуваш - вести од светот, лоши
оддекнуваат ко ѕвон
камбана од црква и пеење од џамија
се меша и питач и крал
и Робин Худ и арамија.

Арач собираш од патувањата
за да ги отплатиш сите гревови со пишување,
да запаметиш сѐ што не може да се види со голо око
како голтка надеж пред заминување.

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе