сабота, 20 април 2024

Мaкедонија – Паско Кузман (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Голите ридови – како на жена ми –

И лево и десно од Вардар кој ги сонува.

Овие ридови и длабоки долини

Со по некоја смрека ил’ со ниски трње,

Никогаш нема да ми бидат доста,

Мојата Македонија,

Мојата стара љубовница –

Кога бев дете ми беше приказна,

Кога бев млад ми беше страст.

Сега е едно минато време кое стои

И ме гледа како крава своето

новородено теле.

Ех, никогаш нема да ми биде доста

Мојата Македонија.

И никогаш не сум имал потреба

Да ја напуштам мојата прва

И последна жена.

Овие густи шуми од планините,

Таму доста позападно од Вардар,

Оставени сами, ама молкум чедно

што бдеат над нашите судбини,

Ги чуваат сите наши крвотеци.

Ех, никогаш нема да ми биде доста

Мојата Македонија,

И никогаш нема да ја напуштам.

Таа ќе ме земе за навек

И ќе ме чува во своите пазуви.

Ќе ме чува, ќе ме чува,

За иднината на вечноста,

Мојата вечна Македонија.

[video:https://youtu.be/OZPnfF9OCoo autoplay:0]

(Песни на Паско Кузман прв пат беа претставени на промоцијата на книгата на професорка др. Иванка Василевска, а ги прочита Зоран Љутков.)

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ