Поезија

Мајчин јазик и други песни – Ахмед Буриќ

Босанско-херцеговскиот книжевник, преведувач и новинар Ахмед Буриќ (1967) има многу пријатели во Скопје. Во 2015 година беше гостин на книжевна резиденција во Скопје, која со поддршка на „Традуки“ ја реализираше издавачката куќа „Готен“. На самиот крај на 2018 година во ателјето на Мирослав Масин беше промовирана неговата поетска збирка „Мајчин јазик и други песни“, приредена и преведена од Тихомир Јанчовски, а во издание на „Блесок“.

Мајчин јазик

Сонував сношти дека сум го нашол
мајчиниот јазик,
разговарав нешто важно со мајка ми
за мојот живот, за иднината, потоа
се смеев, па горко плачев
се разбудив среќен
во главата ми ѕвонеше некаква хармонија
Лозје, лозје, лозје
Деветта, десетта, бронзена, Босна

во себе, со мајчина помош
го најдов, еве, мајчиниот јазик
но за себе не најдов многу.
Ми рече: можеше да живееш,
да тераш со љубовта за музиката и театарот,
да ја продолжиш лозата и да се ожениш
можеше и јас да видам
внуци на стари години, но не,
ти сонуваш.
А сонував како еднаш
се љубев со една на Тромостовје
и може тогаш го пропуштив возот за внуци
фаќајќи се за нејзиниот јазик,
кој не е мајчин, но е
највкусното нешто што го бев вкусил дотогаш.
Местата што ги оставав во рани зори
требаше да станат светли, волшебни метрополи
со широки улици, но немаа таква среќа
како ни јас со
мајчиниот јазик,
не се најдовме, само
ете, тука и таму
се среќаваме на сон. Или во бакнеж со јазик.
Јас, со слаба душа на дриблер,
и тој, монструм, со многу рефлектори
но со малку,
премалку светло
што дава надеж.
Во мајчиниот јазик.

Господар на Скопје

Се спушта мрак
си точам виски
уште малку
и ќе спие Скопје
ќе спие Градски ѕид
како натежнати баби од село
ќе спијат широките куќи на „29 Ноември“
ќе спие Чаршијата
и албанските натписи на кирилица
што ќе ги нема кога ќе умрат газдите
ќе спие твојата добрина, пријателе,
ќе спијат во вежбалната теговите на моите телохранители
мојата дневна соба е дом на сите ваши проблеми
овде, каде, кажуваат, почнала ренесансата
јас во лежечка положба започнувам нов барок
ќе спијат уште малку и спомениците
Никола Карев на коњ ќе заспие
како некој руски композитор ќе заспие Вардар
и онаа висока трибина под која Васил Рингов фаќаше сенка
каде растеа таленти недораснати на сонце
како Самоникнати, како Тутуноберачите
како заедно да сме јас и ти
Jazz и ти,
ќе спијат лудите идеи за спојот зурли-техно
сето тоа спие со мене во мојата спална,
и само лоши луѓе може да мислат дека не сум добар.

Вие може да кажете сѐ но мојот патриотизам е докажан
крстот над мојата глава е најголем плус за нашата економија,
иако поетите се ругаат, тврдејќи дека тоа е
сигурен знак дека ова се гробишта.
Го зборувам јазикот на својот непријател
речиси совршено.
Немојте само да ми спомнувате
дека во црните, темни зандани
во Идризово седат затворени еден човек
и неговата ќерка,
што требаше, да пуштам да се сомнева во моите работи,
да ме предаде,
сѐ што гледате наоколу е моја визија.
Ќе заспие Скопје, и приказната за царот што умрел
кога војската си ја видел ослепена
и што неговиот противник ги задржал сите
негови потомци, на дворот.
Темно е.
Јас сум господар на Скопје и како и да завршам
треба да знаете дека правев сѐ за ваше добро.
Спиј сега, Скопје,
јас нема да спијам, зашто ме чека уште многу незавршена
работа,
ме чека пура која догорува бавно,
како трпението на народот.

Татковина

Како соништа на тинејџерка која по разочарувачкиот
и болен прв однос,
сфаќа дека нема да се омажи за принц
од насловната страница на колор-магазин
се распаднаа нашите соништа за татковината:
нашата економија се базира врз кружен
и родосквернавечки
средновековен модел на богатење
на неколку семејства,
а нашата филозофија ја предводат национални третоешалонци,
нивните бели крагни стојат исправено,
кога со шприцер ќе почне да се зборува за
изградбата или деконструкцијата на националниот мит.
Нашата поезија ја предводат кетмани со двоен живот,
а нашите академии, може да замислите кој сѐ се пика таму?
Во моиве гради седат ненапишани симфонии,
анти(херојски) концепти овековечени
со хорови,
преку нас гази стампедо од негрижа за луѓето,
кои се надеваа дека татковината –
девојката што сите ја имале, а ја оженил херој инвалид
по некаква забава –
ќе им даде барем малку причина за надеж
дека таа љубов навистина постои,
дека браќата, синовите, мајките, сета таа угасната младост
не е збришана поради
филистејското ѕвечкање на дукатите во кесињата,
звукот што може да се реконструира
по пат на ДНК-анализа,
лажниот звук кој може да биде стварен
токму во мерата колку и нашите
безнадежни љубови кон татковините.

Фотографија: Сашо Димоски

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе