Поезија

Куќа на Марс – Будимка Поповска

Поетската збирка „Куќа на Марс“ на Будимка Поповска-Буде, објавена од „Темплум“ во едицијата „Триста ветрила!“, содржи 74 песни со рефлексивна поезија и ја продолжува нејзината низа од четири претходно објавени книги. Инспирацијата за својата креација Буде најчесто ја добива од рок-музиката, а тука објавуваме три песни од оваа збирка.

Шејн

Во мојот град
Има толку многу сиромашни луѓе
Што не можат да си дозволат да бидат живи
Па живеат со помош
На трикови и магија
И цртки во локалните продавнички
Коишто од ден во ден
Стануваат скали кон небото
На новиот либерализам
Како космичка нерезонанца на
Оние што не можат да си дозволат живот
А, сепак, некако дошле на планетава
Се ставаат себеси во шпајз
И заличуваат на туршија
Со поминат рок на траење
И стануват робови на шпајзот
Го трампаат за Платоновата пештера
Им веруваат на теглите и капаците
И сенките што се пробиваат низ клучалката
Додека ги гледам трошните куќи
И додека ги острам ушите за битка
Го слушам забот на времето
Во синергија со моќната ентропија
Како ги грицка
И како во даските на нивните умови
Посадува црвци
На сомнеж и хаос
И од нигде-никаде
Во мене почнува да ечи,
Нежно да татни
Една подзаборавена мантра на Рундек
Глас којшто вели
Излези и бори се... (Хаустор, Шејн)
И тогаш стравот
Се буди и почнува да расте
Како квасец
Дека ако излезам
Или ќе ме убијат
Веднаш
Или ќе ме замајат
Со некаква дрога
Повторно да заборавам
Зошто излегов
Затоа од овде
Од мојот бункер
Те прашувам, Шејн, каде си?
Не можам сама

Уметнички впечаток за страдањето

Направи пируета несташна
Во миг на болка страшна
И кога солзата ќе капне врело
Отскокни како топка да ти е тело
Тогаш во антисолза нека се престори тивко
Она што пред малку ти параше гради
И од буквите слечиште нека стане
Твоја единствена облека само
Душата нека остане

Стојам на стаклени нозе

Можеш лесно да ме скршиш
Во дрвени ортопедски чевли
Можеш лесно да ми го пресечеш патот
Среде железен мост
Можеш да ме минираш во секој поглед
И внимавај, стојам наопаку
Ништо не ми можеш

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе