Поезија

Јосип Коцев – Сега е најдолгото никогаш

Јосип Коцев досега објави три поетски збирки, иако завршил правни студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Во моментов работи во областа на маркетингот и комуникациите. Од 2008 до 2015 пишувал во блогосферата под псевдонимот Quentin Scribbler. Автор е на поетските книги „Јас, Квентин Скриблер“, „Напишана тишина“ и „Сега е најдолгото никогаш“. Добитник е и на наградата „Енхалон“ на Струшките вечери на поезијата. Тука објавуваме две песни од „Сега е најдолгото никогаш“ и две досега необјавени негови песни.

Цена

Една жена утрово
го распослала животот
на тезга во Автокоманда.
Нејзините патики,
излет на Водно,
патиките на мажот,
викенд во Маврово,
надраснатите чевлички на синот,
прв ден во градинка,
износениот црвен фустан,
незаборавна вечера во ресторан,
бокалот за вода,
џагор од семејниот ручек
– сè на продажба!
Неколку минувачи подзастанаа,
привлечени од смеата
што ечеше од
изложените предмети.
Никој немаше доволно
пари да ја купи.

Втора вечер

Ако му го понесеш клучот,
го носиш ли и домот со себе?
И мирисот на турско кафе во шест,
и гребежот на смоквин лист
под прозорецот од спалната,
и погледот на баба ти која одбила
да умре пред да те види.
Не влегува ли во секоја клучалка тој клуч,
не ја отвораш ли секоја врата на светот
првин со него?
(Или лебед си,
што заспива на перница од своето перје?)

(Струга, 24.8.2017)

Не те пуштам од својот сон

Не те пуштам од својот сон,
не давам да ја извалкаш во јаве
твојата кожа од бисерни надежи,
не ја давам на земните дождови
твојата коса од срмена љубов,
не те пуштам од својот сон,
ти, сновиден брану што се лулаш
небаре си млечно запче,
и ме чекаш како леб
во кој ќе векуваш
на покривот од сите потрошени детства.

Saudade

Зашто сржта твоја е
недофатна како денот,
боли на местата каде минува.
Зашто си и росно утро,
и врело пладне,
и тивка вечер.
Зашто ми го гониш сонот
додека гледам како заоѓаш
пред мене во најубави бои.
Зашто денот си оди,
а сè е премногу за првпат,
и сè е премалку за само еднаш.

saudade, saudade…

Во собава со јужни ѕидови,
смртноста повива беспаќа
и на маж, и на жена, и на дете,
сите тргнати по тебе во едно тело.
Течат облаци на небесното корито,
липите го одвиткуваат својот мирис,
памукот на гибелта натопува душа,
јазикот на ништото се готви за беседа.
Сè ги чека твоите раце од ветар
да ја расеат пепелта.

Јавното здравје и економијата одат заедно и во време на пандемија, па затоа најдобриот начин да ѝ се помогне на економијата во оваа криза е ако се воведат адекватни рестрикции за пандемијата да се стави под контрола.

повеќе

Стопанската комора на Македонија со донесувањето на 4-тиот сет на мерки гледа остварување на ветеното дека Владата на РСМ и во услови на здравствено- економска криза ќе стои зад компаниите.

повеќе

Оваа парафраза на големиот Иво Андриќ, нобеловец и водечко книжевно име на Балканот, за малку ќе го погодеше лично него.

повеќе