Поезија

Јас. Елегии – Михаил Ренџов

Со стихозбирката „Јас. Елегии“ (Макавеј, 2017) поетот Михаил Ренџов (1936, Штип), повторно, ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата во 2017 година. Претходно, истата награда ја доби во 1982 за книгата „Нерези“. Во „Јас. Елегии“ поетот укажува на една тематска нитка – соочувањето со призраците на смртта.

Пишан ми е животот, допишан,
Со реченото и прореченото,
На првата ноќ од раѓањето
До првиот крик на паѓањето

Со весталките небесни,
Со ангелите прекрасни,
Со реченото и прореченото
Од небесата навестеното.

Пишан ми е и животот и доста,
Сѐ друго е додаток на злоста
И пакоста. Доста.

Од пишаното бегство нема,
Од реченото и пресеченото, исто,
Излезено од срцето бистро. Чисто.

3.
(на Лилјана)

Таков сум – каков што сум:
Не безгрешен, туку грешен,
Гладен, страден, безутешен.
Таков сум – како што сум,

Немирен и смирен, недопирен,
Смислен и обмислен, лај-ветер,
Дуни-магла, сетен и несетен
Смирен, мирен, недопирен.

Во небото и во себе загледан,
Со нечестивиот споредуван
Сам, без сенка и со сенка,

Семка која цути, а и раѓа,
Птица која лета, а и паѓа,
Именка која оди, не се враќа.

9.

Се видов себе пред дното,
Пред заодот, пред злото,
Излезено од внатре, од мене,
Се видов себе, пред себе,

Пред скришното, пред своето,
Потемнето, безгласно, но опасно,
Пред своето лошо и пакосно,
Пред своето темно и нејасно.

Се препознав, пред да се осознам
Го видов оној кој не го знам
Во мене свиен и подвиен,

Оној Јас, во час безгласен
Ни онемен, а ни гласен,
Ни сотрен, а ни спасен.

61.
(на Евдокија и Владимир)

Се откривам, се кажувам кој сум,
И сѐ што во себе таам, кријам,
Јас тагувам и кога бдеам и кога спијам
Се откривам, се кажувам кој сум.

Тој сум – и што? Кој сум, Тој сум, без криенка,
Со чисто презиме и чиста именка,
Пеам и кога молчам и кога таам.
Тој сум којшто сите го знаат

Го ставам пред себе тоа во мене што е,
Дали добрина е, дали зло е.
Пред мене е тоа во мене што е.

Мојот Тој пред вас е, тајна не е,
Пред вас говорам, пред вас пеам,
Пред вас темнеам, пред вас греам.

 

Наидува, ита, кон мене наближува
Ме стигнува, намигнува и вели:
Мене ме очекуваш, нели?
Наидува, ита, кон мене наближува.

Во мене влегува, ме стегнува, со душа
Вџашено ја слушам, се кријам
Под неа се вијам, не спијам
Во мене влегува, ме стегнува за душа.

Крикнувам, свикнувам, од себе бегам,
Во непознатото се селам,
И сам од себе се делам

И кон неа наближувам, се стишувам
Загрижено пред неа паѓам
И буден и чуден, на небо се раѓам.

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе

Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика.

повеќе