Поезија

Избрани песни – Ристо Ѓ. Јачев

Во чест на неодамна починатиот македонски поет, раскажувач, романсиер, драмски автор и преведувач Ристо Ѓ. Јачев (1942-2019) објавуваме избор од пет негови песни. Неговата поезија е претставена во низа антологиски избори од современата македонска литература, а беше познат како личност која го сакаше и го живееше животот со страст, чесно, искрено и достоинствено; ги сакаше татковината, јазикот, родот и породот со многу љубов!

НАД ГУПАРСКАТА СКРКА

Ќе изградиме манастир во шума клета
убава како птица. Низ него нека шета мрак
или месечината што ко светулка лета
наплакано. О, ќе изградиме манастир пак!

Ќе изградиме манастир сред жито, сред сребро,
работ ќе му го извеземе со игла од ребро,
со свилен конец краевите, со ѕвездена трага
убавата Република на вековно едро.

О, ќе изградиме манастир од чисто небо
за сивата птица што таинствено врти
како дребна сипаница на моминско чело,
над Гупарската скрка каде змиски глог ’рти.

Ќ изградиме манастир! Голем како свеста
Наша. Чеден манастир на вакавските места!

НАРЦИСА

На Чедо Јакимовски, на кого не успеав гробот
да му го пронајдам во кратовските гробишта.

                                                            13.1.1995 г.

И оваа зима ја минеме во слави
со многу песни, со бочви црни вина.
И овој јануари со паднати глави
те чекаме немо на масата сина.

Те чекаме како некогаш да дојдеш
овде кај што цвете од восочно ткиво
се ниша ко пламенче мило и живо
во винска чаша да говориш ко дете.

Чекаме да ни кажеш за ноќта дива,
за белото гробје под густата пена,
за гладта на студот што зад нас се крена

кога денот од мракот погрозен бива.
Чекаме да ни кажеш дал' сè ќе мине
со веков што го брише нашето име?

ПЕСНАТА НА ВЕСЕЛИТЕ МАТУРАНТИ

                        „... кажи со какво дело те навредив...“

Во мугри бавно се вртам кон Водно
Го гледам Скопје ко некогаш Блаже.
Не ми е до песна ниту до слави
Матуранти весело тресат глави.

Одамна јас им свртев грб на слави.
Одам низ светов со илјада мори,
Одам по неизвесен пат огорчен
Сосем сам низ студени тажни зори.

Мајсторе, нешто сакам да Ти кажам:
Колку старееш ни требаш ко видот
Ко ретка билка во тажното лето.

Вчера на гробот Твој не видов цвеќе
Фарисеи велеа Блаже е мртов,
Но јас знам веќе живееш вечен живот!

СÈ ЌЕ УМРЕ СО МОЕТО ВРЕМЕ

Болно изгорело небо и семе,
мене грозно ме населува есен,
сал прикраја негде сонцето дреме
ко распаран бивол в коридор тесен.

Исчезна живот. Се губи гласот тих.
Збор ми готви погреб. В црните врати
раскошна смрт заседнала дур' в стих
одамна тука ништо не се злати.

Денес едно не знам. Над она дрво
дал' облак ќе виси ко тешка жена,
дал' човек ќе пее тажно под врвон

каде како мома крајот мој свенал
ил' сè ќе умре со моето време
ко гробјата наши в пределов темен?!

ЗБОРОВИТЕ МИ ГОТВАТ ПОГРЕБ

Зборовите што ги истурив тука
каде каменот како молња блеска,
зборовите ми готват погреб тука
до овој ковчег под оваа фреска.

Но, не знам зошто ми слепее видот,
и не знам зошто гледам во ѕидот
и бледам ко што ѕвездите в ноќ бледат
кога мртви очи немо ме следат.

Зборовите ми готват погреб тука
каде ѕвонат нечии стапки леки
под крилјата на ангелот златен

Каде ко прат се вијат мојте плеќи.
Сега знам лута змија ќе ме касне
Крај ковчегов бел ко свеќа ќе згаснам.

Избор на песните: Елка Јачева - Улчар

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе

Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел.

повеќе