Поезија

Два света – Руми

Најновиот превод на поезијата на персискиот филозоф, поет, правник, учител и суфист, Џелалудин Мохамед Руми (1207-1273), го приреди поетот Тихомир Јанчовски. Досега Руми го преведувале Илхами Емин, Михајло Свидерски и Ана Пејчинова, а Јанчовски својот избор песни од Руми го наслови „Два света“. Во издание на „Матица македонска“ книгата имаше промоција во Скопје, а стихови на Руми ќе се слушнат и на 30. Поетска ноќ во Велестово. Тука објавуваме избор на пет песни на Руми.

Капа за два света

Во мене постои страст што не
копнее по ништо од друг човек.

Дадено ми е нешто друго, капа што се носи
во двата света. Ми падна. Не е битно.

Едно утро отидов на место зад зората.
Извор на сладост што тече
и не престанува. Покажана ми е
убавина што може да ги збуни обата света,

но нема да предизвикувам хаос.
Не сум ништо освен глава оставена на земја
како подарок за Шемс.

Духот и телото

Не ги храни двете твои страни подеднакво.
Духот и телото носат различни товари
и бараат различно внимание.

Премногу често
ги ставаме дисаѓите врз Исус и го пуштаме магарето
слободно да си трча по ливадата.

Не давај телото да го прави
она што духот го прави најдобро, и не ставај голем товар
врз духот што телото може лесно да го носи.

Велат дека нема иднина за нас

Имаме огромно буре вино, немаме чаши.
Ако се прашуваме ние, тоа е одлично.
Секое утро се зажаруваме,
и навечер пак повторуваме.
Велат дека за нас нема иднина. Имаат право.
И ако се прашуваме ние, тоа е одлично.

Оддалечување од хаосот

Тајната не се разјаснува со повторување на прашањата,
ниту се плаќа со заминување на прекрасни места.

Без педесет години запирање
на немирот во очите и на чувството дека нешто ти недостига,
нема вистинско оддалечување од хаосот.

Сам во чамецот на своето битие

Доцна е, сам сум, во чамецот на своето битие,
никаде ни светло ни копно,
дебела опна од облаци. Се трудам да останам
над површината, а веќе сум под неа
и живеам во недрата на океанот.

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе