Црниот човек - Сергеј Есенин

Пријателу мој, пријателу мој,
Многу многу сум болен.
А не знам од кај се зададе тој бол.
Дали од ветрот што пишти,
Над опустеното поле,
Ил’ како шумата во септември
Умот е опустошен од алкохол.
Главата со ушите ми мавта
Како птица со крилјата.
Нозете ѝ се на вратот
И немаат веќе моќ.
Црниот човек,
Црниот, црниот,
Црниот човек
На креветот ми седи,
Црниот човек не ми дава
Да дремнам цела ноќ.
Црниот човек
Со прстот боде во гнасната книга
И мрмори ко монах
Над покојникот и неговата прав,
Ми го чита животот,
Како за некојси подлец и скитник
Влевајќи ми тага и страв.
Црниот човек.
„Слушај, слушај“ —
Мрмори и ми вели —
„Има многу книги
Со мудри страни.
Овој човек
Живееше во земја
Со најодвратни
Никаквеци и шарлатани.
Во таа земја во декември
Снегот е ѓаволски чист,
Фортуните го почнуваат
Веселиот вител и пој.
Тој човек беше авантурист
Од прв ред
И од највисок сој.
Тој ти бил само добрина,
А уште и поет,
Не со голема,
Но со жилава сила.
И некоја си жена
Од четириесет и кусур лета
Ја нарекол ороспија
И своја мила.
Среќата“ — кажуваше тој —
„Е во умеењето на умот и ракaта
А невештите души вечно
Несреќни се и без чест.
Тоа не е ништо.
Силни маки
Ти задава наместениот
И лажен гест.
Во ровје, во бури,
Во животниот мраз,
При загуби тешки
И сред тагата клета,
Да бидеш ведар, насмеан и тих —
Најголема е уметност на светот.“
„Црн човеку!
Не осмелувај се!
Не си на служба.
Ко нуркач в блато.
Не ми е до живот
На скандалозен поет.
Еве, на други ти
Читај им и гатај.“
Црниот човек ме гледа
Со поглед втренчен, зол.
Белките му ги прекри
Модрикав скрам —
Божем да ми рече сака
Измамник сум и крадец
Што ограбил некого
Без жал и без срам.
.................................
Пријателу мој, пријателу мој,
Многу, многу сум болен.
А не знам од кај се зададе тој бол.
Дали од ветрот што пишти,
Над опустеното поле,
Ил’ како шумата во септември
Умот е опустошен од алкохол.
Ноќта — смрзнувачка.
На крстопатот е спокојно, мирно.
Зад пенџерчето сум сам.
Не чекам ни другар, ни гости страни.
Рамнината сета под мека вар
Брановита од виулицата лежи.
И дрвјата како коњаници
Во бавчата наша се збрани.
Негде плаче
Во ноќта зла птица.
Дрвените коњаници
Топотот го шират во мракот.
И, ене, пак оној црниот
Во фотелјата ми седи,
Подигнувајќи го цилиндарот
И зафрлајќи го наназад фракот.
„Слушај, слушај!“ —
Кркори, ’рчи и ме гледа в лице
Се навалува потпирајќи се
Ми се внесува и блада —
„Не сум видел дека
Од подлеците некој
Толку попусто и глупаво
Од несоница страда.
Ај, да речеме, грешам!
На небото е месечината.
Што уште му треба на светот
Опијанет од дремлив мир?
Можеби со дебелите бутој
скришум ќе дојде „таа“,
И нејзе ќе ѝ ја распостилаш
Твојата липсана и темна лира?
Ах, колку ги сакам поетите!
Забавен народ се тие.
Од нивното срце ќе чуеш глас
За некаков настан скриен:
Како на студентката со акни
Некој си долгокос глупак
Зборувајќи ѝ за светот,
Доживувал полова страст.
Не знам, не паметам,
Во едно село,
Можеби во Калуга,
Ил’ во рјазанскиот крај,
Живееше дете
Во едноставен селски дом
Косата му беше како жито,
А очите полни со син сјај...
И еве, сега пораснал,
А уште станал и поет,
Не со голема,
Но со жилава сила.
И некоја си жена
Од четириесет и кусур лета
Ја нарекол ороспија
И своја мила“.
„Црн човеку!
Неподнослив си и гаден!
Ваква слава одамна
Врз тебе се втури.“
Бесен сум, разбеснет,
И мојот стап лета
Кон неговиот нос право
Муцката да му ја растури.
...........................................
...Месечината зајде.
На пенџерчето синеат мугри.
Ах, ти, ноќ!
Што направи, ноќ, в морници ме згрчи?
Со цилиндар на глава стојам.
Никој нема.
Сам сум...
И огледалото во срчи...
 
Препев: Славе Ѓорѓо Димоски

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе