Поезија

Аутопсија на љубовта - Божидар Божиновски

Книгата „Аутопсија на љубовта“ е првата поетска објава на Божидар Божиновски, познат како Моџо Килингтон. Збирката е објавена во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и веќе имаше промоција во книжарницата „Литература.мк“, а ќе биде претставена и на Саемот на книгата, на 11 мај (сабота), во 17 часот, кога авторот ќе потпишува примероци на читателите. Моџо Килингтон е писател, сценарист и активист на социјалните мрежи, а тука објавуваме мал дел од неговата длабоко интимна поезија.

Молитва за грев

Прости ми Боже што од тебе барам грев
Во секоја молитва таа, онаа која не е моја, а јас сум нејзин
Одамна ми згаснаа кандилата во очите
Во срцето веќе немам твој храм
Светот ми ги пресече крилјата
Ме направи да ползам кон нејзините стапала, додека таа си заминува
Се молев да се сврти, се молев да застане и да имам сила да стигнам до неа
Можеби таа ќе ми ги закрпеше крилата, можеби отворено ќе летавме
Прости Господе што барам грев, што палам свеќи и заспивам со нејзиното име,
таа која не е моја, јас кој сум вечно нејзин.

Затвор под ребрата

Те заробив под ребрата
Некогаш те чувствувам, сакаш да избегаш, биеш силно
Можеби ти е тесно, но јас немам каде да те чувам на друго место
Те заробив под ребрата
За во секој час да си со мене
Секаде да те носам скриена од светот
Те заробив под ребрата
За само јас да те слушам
За само ти да ме гушиш кога сакаш да заминеш
Те заробив во ребрата
Од затворот ти направив дом
И веќе не знам кој е чиј заробеник

Тишина е

Тишина е
И клише е, но градот спие
Само мачки во далечина се ебаваат ко луди
Спиеш некаде и ти, се надевам
Не ме сонуваш, тоа знам
Не ја прегрнуваш перницата додека во мислите пловиме на твојот кревет низ
безначајот
Се слуша само часовникот
Во ова мртвило како да кова клинци на ковчегот на нашата љубов
Мртви сме, но не престануваш да сакаш пес, човек, љубов од ко ќе умре, нели?
Времето ја јаде мршата на она што бевме, ги глода коските, нема милост и не
му е гајле
Ќе помине и овој ден без тебе, ќе заврши и овој живот без нас
Секоја робија има крај
Се љубат сказалките и ова е клише и саатот е 3 и 15
Ќе се разделат и тие до наредната средба, ќе се посакуваат до 4 и 20
А ние?
Ние сме расипан часовник, двете стрелки застанати далеку една од друга проколнати никогаш повеќе да не се сретнат

Светицата која избега од иконата

Би те гризел
Кинел
Лижел
Со забиве би ти корнел месо каде што други те љубеле
Каде што те бакнување туѓи усни, само мојот печат да го врежам на твоето тело
Дур не остане само ореол од тебе
Храм на еден пеплосан сон
Светица на мртвиот феникс
Најгласниот крик на душата се гуши во молк
Засекогаш...

Приспивна за мртвата

Пресечена во сон, меѓу две мечти
Мирно спиеш додека железни облаци го мијат градот од твоите чекори
Додека животот низ вените ти исцртуваше лаги за подобро утре не облече
невестински фустан
А еве си сега, така убава и мртва, чинам низ модрите усни кажуваш завети за
вечна љубов со бескрајот
Свиена ко најдраг бисер во бела школка чекаш сè ова лицемерно тажење да
заврши
Цветовите не ти се меѓу склпените дланки, ко во миг на чудење да си ги
испуштила пред нозете
Додека ти патуваш без да се помести за некаде каде што не сум јас наоколу
старци кажуваат по збор, два меѓу некоја чаша ракија
Би сакал да се на твое место, живи мртовци кој ни Бог ни Ѓаволот не ги сака,
лиоти бедни
А Бог ја сака убавината, Рајот не можеше без тебе
Се преколнувам себеси што не сум Бог па да те имам засекогаш
Верувам, ќе си ѕвездата што ќе ме води кога ноќта ќе ја покрие земјата и мракот
ќе направи седело во мојата душа
Ветувам, секој ден ќе го гледам небото и ќе те најдам повторно меѓу
милијардите ѕвезди за да ти прошепотам „Те сакам“.

Дом

Одамна домот не мириса на спокој
Одлетаа птиците и остана само немост во гнездото
Цртичките на вратата ми се некаде над појасот
Одамна никој не бележи колку сум пораснал или колку домот ми се смалил
Понекогаш, кога е тивко уште може да се слушне смеење
Ако добро слушам можам и да чујам по некој збор, ехо од дамнина од еден мој
живот сега толку туѓ
Да осетам прегратка во студот од љубени луѓе кои во овој час странци ми се
Еден дом изгубив, нов не изградив
Ми остана само во споменот да живеам

Толку убава, чиста земја, богата со шуми, планини и природни ресурси ја претворивме во Мордор.

повеќе

Сè повеќе се зборува за диверзификација на приходите, наместо фаворизирање само еден извор на финансирање.

повеќе

Пранкот врз премиерот го откри „гангот" кој управува со државата.

повеќе