Поезија

Архангел во саѓи – Ана Бландијана

Романската поетеса Ана Бландијана е добитничка на наградата „Златен венец“ на СВП за 2019 година. Ана Бландијана е псевдоним зад кој се крие името на Отилија Валерија Коман, родена во Темишвар, Романија, во 1942 година. Таа ѝ припаѓа на генерацијата романски неомодернисти, беше истакнат противник на режимот на Чаушеску, а нејзините храбри и искрени песни, како и храбриот став во одбраната на етичките вредности, ја претворија во легендарна фигура во романската литература.

Некогаш дрвјата имаа очи

Некогаш дрвјата имаа очи
Можам да се заколнам,
Со сигурност знам
Дека гледав кога бев дрво,
Си спомнував дека се зачудував
Од необичните крилја на птиците
Што прелетуваа пред мене,
Но дали птиците знаеја
Дека имам очи,
На тоа не се сеќавам повеќе.
Сега попусто ги барам очите на дрвјата.
Можеби не ги гледам
Оти повеќе не сум дрво,
Или можеби слегле по корените
Вземи,
Или, пак,
Којзнае,
Само мене ми се чинело дека гледаат
А дрвјата отсекогаш си биле слепи...
Но тогаш зошто
Кога им се доближувам
Чувствувам дека ме следат со поглед
На начин што ми е познат,
И зошто, кога шумолат и трепкаат
Со своите клепки неброј,
Ми доаѓа да викнам –
Што видовте, што?...

Ох, твоето тело

Ох, твоето тело го гледам среде мастило,
Мастило што нѐ заглибува и в сон
Божем кисела, животинска пот.
Сакам да те дофатам
Но прстите ми се лизгаат,
Не те гледам повеќе,
Одвај те слушам,
Кажи ми, пак и пак кажи ми
Дека исто нѐ смрачува
Вртежот во кој пропаѓам.
Името ти го повикувам
Но сурово како од рана
Меѓу нас избива мастило.
Сѐ уште ли сакаш да се вратам,
Ќе ме прифатиш ли извалкана
Од модрата кал?
Ќе пристигнеш ли пак
Преку сини полиња
И осамени мориња,
Нем и со насолзени очи
За да ти ја подадам
Устата треперлива за бакнеж
Со усни помодрени од зборови?

Молекули калциум

Да не брзам,
Да оставам времето да мине,
Секоја секунда во паѓање
Потајум го нагризува
Секое страдање.
Да чекам.
Секој бран што се крши
Ја раскопува карпата
Во која се оковал,
Секое влакненце ’рѓа
Го истенчува синџирот..
За едно-две столетија
Карпата ќе стане песок,
Железото од оковите прав,
Моите коски, молекули калциум
Растопени во водата,
А страдањето – страдањето
Божем никогаш и не било.

Кораб со поети

Поетите мислат дека е кораб
И се качуваат на него.

Пуштете ме да се качам на коработ со поетите
Што плови низ далгите на времето.

А ниту му се занишува јарболот
И ниту се помрднува од место
(Оти времето околу него
Се движи сѐ побрзо).

Поетите чекаат и одбиваат да заспијат,
И за да не го пропуштат мигот
Кога коработ ќе се оддели од брегот –
Одбиваат и да умрат.

А што друго е бесмртноста
Ако не токму овој камен кораб,
Кој тврдоглаво чека нешто
Што никогаш нема да се случи?

Препев од романски јазик: Лидија Димковска (од книгата „Архангел во саѓи“)

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе

Ништо не ме научи повеќе за моите родители, а и за мене, од храната што тие ја обожаваа откако избегаа од Босна.

повеќе