Поезија

Актите се кастрирани – Катерина Гогова

Дебитантската поетска книга „Актите се кастрирани“ на Катерина Гогова деновиве излезе од печат во издание на „Современост“ од Скопје. Збирката вклучува 48 песни поделени на 4 циклуси и воведна песна. Катерина Гогова (1989, Дојран) е студент на Медицинскиот факултет и е дел од тимот на Здружението на граѓани ХОПС – Опции за здрав живот, каде работи во програмата за намалување на штети кај корисници на дроги. Дел е и од неформалната граѓанска иницијатива „Ретвитни оброк“, која има за цел рециклирање и донирање храна на социјално загрозени категории граѓани.

Диши длабоко

И после целовечерна принудна несоница,
чекање денот да се измолкне
од индиго синиот превез на ноќта,
изгревањето носи нова убавина на хоризонтот:
жив си,
толку многу нешта може да се случат,
а ова е само почеток,
диши длабоко...

Во склопените очи на ноќта има нежни бодливи цвеќиња

Растат како пиреј, шепотот на пчелите го расејува нивното тазе исколчено
тело,
Нијагара не е достојна да им го напие коренот.
Венечните листови искрат кон синилата на облаците
и не се прашуваат како ги достигнале своите висини.
Северните ветрови ги зауздуваат дождовите и доаѓаат од секаде
да ги напојат.
Елисејските полиња си ги превртуваат утробите да ги задржат,
да ги засолнат во своите одаи,
љубобојни, единствени, осамени.

Понекогаш матрицата срамно го симнува погледот
кога девствени пупки ќе осамнат на врвовите од ластарите.
Тие гледаат музика и му се восхитуваат на светот
кога нивната едноставност му се расфрла,
ќе му се приближи, збунето ќе се искраде од сенката,
се запознава со вечноста.

Цветовите им го подаруваат црвенилото на сите ѕвезди кои очајно
се трудат да не станат џуџиња и така будни го чекаат утрото.
Така изгрејсонцата секогаш одново и одново носат надеж,
збудалуваат во екстаза саатите
кога ги љубат малите стрелки во часовниците,
така заспива времето помеѓу Мојсеја и Христос,
помеѓу првата и втората чума,
помеѓу Берлинскиот ѕид и сета вистина потоа.
Во склопените очи на ноќта спијат вистински бодливи цвеќиња,
љубат да го зграбат денот во неговата единствена рамноденица.

Наследство

Дамарите на светот стенкаат под тежината
на сите живи и мртви досега,
не е ниту одблиску јасно што е живот, што е смрт.
Набрекнати стомаци со плодови кои се движат
само што не ја напуштиле матицата,
два метра над неа збревтаат во земски маки
живите коишто ги проголта во лакомоста за крв и човечки сенки.
„Дајте им уште малку смрт! Уште малку вечност
во умирањата што следат“– врескаат најпрво фреските.
Акварелите снемуваат молекули на вода,
актите се кастрирани,
немо и со пластична страст зачнуваат нови мртви наследници.

Некои обоени и светли години
од мојот живот те сретнав

(На „Тело одречено од пливање“ на Митко Апостолов)

Не паметам сега како црвен дожд ме донесе во твојата планинска куќичка
и не знам дали успеав да ги соберам езерските алги
кои ме водеа по пат.
Сакав да ги чувам како амајлија и да го украсам
твоето тело одречено од пливање
за да ми го заборавиш името и само ликот да ми го паметиш
кога ќе дојде водата по своето.
Се криев на почетокот во речното дно и течев
спротивно од ветрот, спротивно од исток,
спиев на југ дури ти изгреваше на север,
дури си го собираше синилото од очите по брегот.
Ме виде во бурата блескава и мокра,
ти личев на вештерка и маѓепсница,
ми се плашеше и ме обожуваше,
па на крајот од времето заборави како се чисти исцрнета сенка.

Некои обоени и светли денови
од твојот живот ме сретна.
Заборави како се најдоа сребрените крлушки од мојот бел стомак
на твојата перница тоа јунско утро.
Потоа ги нанижа на крошната од сливата до твојот праг,
собирајќи докази дека постојам.
Го затвори во самовилско стакло
за да го сочуваш од шумски наречници мојот здив од дамарите,
да сонува нови месечини и неслучени изгрејсонца,
да не знае за тебе и за мене и за нас, да испарува,
само со денови и ноќи да ти расцутува пролет во зениците.

Метонимија

Не носам дарови со кои ќе те поткупам
кога повеќе нема да ми се дише во тебе.

Незнајна нека е земјата која ќе ме вдоми
кога ќе прекинеш да му пркосиш на ова тело
кое ѝ се предава на гравитацијата.
Темна грутка за дамарите, нека ги сочуваат тајните,
натопена и светла за месото кога ќе се одвои од вистината.
Ова тело нема ниту дом, ниту татковина,
отуѓено е од сите твои ќошиња.
Нема адреса, очајно ги касапи корењата
кога ќе ги впие твоите сокови.

Свету, познавам едночудо талкачи кои ја спасија вечноста
кога те напуштија засекогаш.
Толку сум малечка.
Помогни ми да заборавам дека не постојам.

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе

Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика.

повеќе