Љубен Стојаноски: Чебрен ќе несе златни јајца за Грците, треба да се изгради ЕК Мариово
1700475135

Г-дине Стојаноски, неодамна на трибината за Чебрен под покровителство на ЗЕМАК привлековте внимание на стручната јавност со вашата анализа во однос на овој голем енергетски проект, како и со ваш проект за поисплатливо и поефикасно енергетско решение, за енергетски капацитет кој го нарековте Мариово. Зошто сметате дека Чебрен не треба да ѝ се довери на Грција, чие електростопанство повеќе години наназад пројавуваше интерес, а интерес имаше и од други големи компании од светот, од Шпанија, Австрија, Турција, Кина... ?

Изградбата не еден вака голем проект не треба  да ѝ се довери не само на  Грција туку и на кој било странски инвеститор. Ако во минатото тоа можело да биде оправдано, денес е неоправдано од аспект на новите технологии како што се  фотоволтаиците и ветерниците. Имено, оваа локација е единствената во Македонија која со изградба на Пумпно акумулациска хидроелектрана (ПАХЕ) овозможува евтино складирање на електрична енергија т.е двојно поевтино отколку во литиум јонски батерии, но и далеку покорисно гледано од еколошки аспект бидејќи тие батерии се еколошки проблем додека не се пронајде технологија за нивно рециклирање.

За да имаме стабилизирана електрична мрежа потребни ни се вакви капитални објекти. Складирањето на  енергија во резервоарите за вода т.е ПАХЕ Чебрен, ПАХЕ Галиште и ПАХЕ Тиквеш може да  помогнат  да имаме стабилна мрежа кога има вишок на енергија, а потоа со ослободување на складираната енергија назад во мрежата кога побарувачката за енергија е поголема.

Хидроелектраните се скапи за градба но откако ќе се отплати кредитот се претвораат во „кокошка” која несе златни јајца бидејќи одржувањето не е скапо и се долг век на користење.

Во сите досегашни тендери за концесија владите барале да бидат акционери со процентуално учество во дивидендата. Тоа е погрешно затоа што концесионерот може со реални или фиктивни фактури да ја зголеми вредноста на инвестицијата па така оваа надуена цена на инвестицијата од 1 милијарда евра да достигне до 1,7 милијарди евра. Што губи акционерот Македонија со ваква фиктивна  вредност на инвестицијата? Освен тоа, заради илустрација, од панелистите не добив одговор на прашањето која е критичната точка  на рентабилност, т.е.  која е минималната цена на електричната енергија за МВч по која Грците ќе можат да го вратат кредитот?

-Дали може во моментов да има одговор на такво прашање?

Приходите од Хидроелектраната (ХЕ) Тиквеш,. ПАХЕ Чебрен и ХЕ Орлов камен  мора прво да ги покријат оперативните трошоци на проектот. Тие ќе служат и за враќање на долгот кон финансиерите , преку плаќање главнина и камата. Додека  Грците не си го отплатат кредитот Македонија ќе добие нула (0) дивиденда. Колку години ќе поминат до критичната точка? Тоа значи колку поскапа е инвестицијата право пропорционално ќе прикажуваат дека струјата треба да ја продаваат по повисока цена. На пример,  тие на тој начин ќе докажат дека струјата треба да ја продаваат по 150 евра за MWh а ја продаваат по 110 евра па имаат загуба, тоа значи дека мора да земат нов кредит, исто така можат да склучат  договор со нивна фирма ќерка и да им продаваат струја под берзанската вредност. Во тој  случај Македонија нема да добие  дивиденда.

-Тоа значи дека станува збор за лошо договарање?

Државите кои даваат вакви капитални објекти под концесија не се договараат како нас за 33% дивиденда туку на пример,за 25% од произведената електрична енергија односно, за нас барем со двојното производство на ХЕ Тиквеш., која има просечно годишно производство од 144 ГВч, што значи тоа се 288 ГВч. Или, тоа е 25% од вкупното годишно производство на ХЕ Тиквеш, ПАХЕ Чебрен и ХЕ Орлов камен кое е планирано на 1.144 Вч  за година. За 20 години Грците ќе имаат бруто приход од 2,6 милијарди евра,трошоци за купена струја и одржување од 1,2 милијарди евра и заработка од 1,4 милијарди евра – 1 милијарда евра кредит, а  можна   заработка од 400 милиони евра. Тоа ќе значи за следните 40 години профит од 2 - 3 милијарди евра.

д

Македонија пак, би требало да добие дивиденда од 660 милони евра. За купена струја од 144 ГВч, колку што е годишното производство на  ХЕ Тиквеш, на грчката компанија ќе им плати 144.000 МВч, минимум по 130 евра, а за 60 години тоа се 1.123.200.000 евра. Со други зборови, Македонија ќе оствари загуба од 463 милиони евра, плус ќе потроши многу милиони евра за ревитализација на електро-машинската опрема од ПАХЕ Чебрен. Додека ХЕ Тиквеш најверојатно ќе треба да се урне бидејќи декларираниот животен век на земјените брани е 35 години. Од нејзиното пуштањето во употреба поминаа 53 години, а да не зборуваме дека по 67 години браната ќе има одработено 120 години.

И не е само тоа. Македонија ќе има дополнителна загуба од тоа што нема да добива профит од 7 милиони евра за година од работата на ХЕ Тиквеш или, за 60 години тоа е загуба од 420 милиони евра, а вкупната загуба ќе биде 883  милиони  евра.

Да не зборуваме дека Владата погреши што прифати концесија од 60 години, кога животниот век на електро-механичката опрема е 50 години. По 60 години експлоатација ќе треба да вложуваме милиони евра за нивна ревитализација . Ако се сеќавате пред десетина години вложивме многу милиони евра за ревитализација на хидроелектраните кој имаа одработено 50 години меѓу кои е и ХЕ Тиквеш.

-Многу црно е вашето предвидување како што бележите дека имало грешки во договарањето.

Има уште. Крупна грешка направи Владата што прифати Македонија со свои средства да им изгради, плати  и даде пристапни патишта, трафостаница од 400KV, ќе врши експропријација на земјиште, а во период од 9 години да им даваме струја од по 300 ГВч по регулирана цена. Со тоа што им го даваме ХЕ Тиквеш во буџетот на ЕСМ ќе недостигаат 7 милиони евра од добивката, а за истата количина на струја од ХЕ Тиквеш од144 ГВч за година, по пазарна цена треба да им платиме на грчките компании плус минимум 15 милиони евра за година. Значи во буџетот на ЕСМ ќе недостасуваат минимум 22 милиони евра заради што ЕСМ од Регулаторната комисија за енергетика - РКЕ ќе мора да побара зголемување од 7 % на цената на струјата за домаќинствата. Исто така за 60 години концесија само за струјата од ХЕ Тиквеш ние на Грците ќе им платиме минимум 1 милијарда евра, а постои можност да добиеме нула дивиденда. Покрај тоа за прифатените обврски во овој дел ние ќе имаме трошоци од 200 милиони евра.

д

-Зошто секогаш кога се зборува за проектот Чебрен, ХЕЦ Тиквеш е како џокер или подарок?

За жал во 2008 година ја испуштивме најдобрата понуда дадена од германски РВЕ за изградба на ХЕ Чебрен и ХЕ Галиште. Тогаш беше решено новата влада да го има последниот збор, а таа не ја додели концесијата зашто германската компанија понуди да има концесија од 40 години, а во законот имаше член кој определување максимален период од 23 години. Давањето на ХЕ Тиквеш под концесија пред  фотоволтаиците беше оправдано поради тоа што поради малиот проток од 30м3/секунда и можното максимално годишно производство на ХЕ Чебрен од 500 ГВч инвестицијата била нерентабилна за разлика од денес кога со евтината вишок струја од ФЕЦ производството на ПАХЕ Чебрен ќе биде 1000 ГВч/година и доста профитабилно. Но паѓа в очи и дека германски РВЕ не поднесува понуда ако не го  нудиме и Галиште.

-Но ХЕЦ Тиквеш се доживува како таа кокошка што несе златни јајца...

Со тоа што на  грчките компании им го даваме ХЕ Тиквеш, тие од неговата работа за 20 години ќе добијат профит од 300 милиони евра. А со тоа што на грчките компании за период од 9 год. ќе им даваме по 300GWh/год електирчна енергија по регулирана цена  тие за тоа на ЕСМ ќе му платат 15,9 милиони евра а со таа струја ќе произведат електрична енергија од 250 GWh/god која струја ќе ја продадат на берза по минимум 150 EUR/MWh и ќе заработат 20 милиони евра за една година ,а 180 милиони евра за девет години.

Всушност ние на грчките компании само за 20 год им даваме 500 милиони евра при што  по 7 год ќе се вклучи и ПАХЕ Чебрен да произведува електрична енергија и да ни носи профит.

Дали државата е до толку кредитно-неспособна па да не може да земе кредит за ПАХЕ Чебрен со рок на отплата од 20 год и овој  објект  да го изгради сама?

-Може ли сепак, Македонија со свои сили да изгради еден ваков, за македонски услови, мега капацитет, од аспект на способни инженери, работна сила, материјални и финансиски капацитети. Способна ли е државата и за вашиот проект за ЕК „Мариово“?

Јас за мојот идеен проект се консултирав и со моите пријатели од Укридроенерго - Украина. Нивниот совет за мојот проект беше прво со владата  да организираме видео конференција на која тие ќе кажат какви специјалисти се потребни за да се реализира тој проект, а тие специјалисти што ги немаме ќе ги испратат тие.

сд

Откако ќе се изработи новиот идеен проект со  точни потребни податоци(геодетски, геолошки, топографски, проток на вода и.т.н да побараме од Европскиот фонд за зелена енергија да финансира нова физибилити студија а откако ќе се докаже економската оправданост да побараме Европскиот фонд да финансира и проектирање. Македонија може со сопствени сили да го изгради овој проект под услов ако Европскиот фонд или Македонија нарача главен  проект од реномирана проектантска куќа со работилнички цртежи  како и надзор и консултанти од нивна страна. Тоа како инвестиција чини 15-тина проценти од вредноста на објектот. Проектирањето може да одземе 1,5 година..

Откако ќе се заврши проектот Македонија може да побара кредит на 20 години  со грејс период од 5 - 6  годни. Може под хипотека да им ја даде и ХЕ Тиквеш и новиот објект. Доколку имаме квалитетна  физибилити студија и плус изведбен проект банките многу полесно ќе ни одобрат кредит, бидејќи банката ќе може да побара од друга проектантска куќа ревизија на проектот како и негова профитабилност.

Знаете ваков објект се работи по фази и лесно може да се финансира и со сопствени средства.

Македонија верувам дека има способни инженери, некои од нив лично ги познавам но  под услов, како што наведов, да нарачавме проект со работилнички цртежи и консултантски услуги , тоа е за 10% повеќе пари отколку да нарачаме само проект но е далеку посигурно, бидејќи не е доволно само теоретско знаење без искуство. Знаете, во минатото се случуваа инциденти со лачни брани не заради тоа што инженерите немаа знаење туку заради тоа што немаа искуство. Еден таков инцидент е кога при тестирањето лачната брана се поместила за 1,5 метри после што била срушена и одново изградена. Ние не можеме да си дозволиме таков луксуз.

д

Зошто Чебрен дури сега ќе се гради, а проектот датира од шеесетите години?

Како што истакнав ние ја пропуштивме најдобрата понуда за Галиште и Чебрен во 2008 година од германски РВЕ. Но сепак, под вакви услови не смееме да си дозволиме да се гради ПАХЕ Чебрен,тоа ќе биде непроценлива штета за Македонија. Најдобро е ако како кандидат за ЕУ немаме пристап до Европскиот фонд за зелена енергија да го почекаме нашиот прием во ЕУ, тогаш тоа сигурно ќе биде финансирано од тој фонд на ЕУ. Секако ние до тогаш да не седиме со скрстени раце и како кандидат за членство во ЕУ да поднесеме барање за финансирање на овој проект.

Каква е таа контрола на водите на Црна Река што ја добива концесионерот и колку тоа може да користи или штети на македонското или грчкото земјоделство?

Постои оправдано сомневање дека Грците ќе ја користат акумулацијата Чебрен за наводнување на Солунско Поле, но и Грција има голема потреба од електрична енергија во лето, а ние во зима. Во минатото Грците ја закупија ТЕ Неготино да работи за нив во лето кога им е најпотребна струја па така ќе биде и сега.

РКЕ има соопштено дека досега во Македонија се инсталирани капацитети за производство на електрична енергија на сонце колку и капацитетот на Чебрен. Тогаш, зарем не е попаметно таа една милијарда евра да се вложи во сончеви колектори?

Ќе имаме придобивки од ПАХЕ Чебрен доколку Македонија го изгради сама. Пумпното хидроелектрично складирање (ПСХ) има неколку придобивки за електроенергетскиот систем и животната средина. Прво, може да обезбеди брз и флексибилен одговор на флуктуациите во побарувачката и понудата, зголемувајќи ја стабилноста и доверливоста на мрежата. Второ, може да интегрира повеќе променливи обновливи извори на енергија, намалувајќи ги емисиите на стакленички гасови и зависноста од фосилни горива. Трето, може да понуди помошни услуги, како што се регулација на фреквенцијата, контрола на напонот и можност за брзо стартување, подобрување на квалитетот и еластичноста на мрежата. Четврто, може да ја подобри економичноста на производството на електрична енергија, со арбитража на разликите во цените помеѓу периодите на пик и вон шпиц сезона и со избегнување и намалување на вишокот на обновлива енергија

Некои од клучните двигатели за развојот на (ПСХ) се зголемената побарувачка за електрична енергија, зголемениот удел на променливите обновливи извори на енергија, потребата за флексибилност и доверливост на мрежата и целите за ублажување на климатските промени. ПСХ останува клучна технологија за складирање енергија и има ефикасност до 85%. Соединетите Американски Држави не се глупави што имаат најголем систем на такви капацитети.

Бидејќи државава нема намера да ја изгради ПАХЕ Чебрен, а направи глупост со неконтролирано давање на лиценци за фотоволтаици , ќе ѝ бидат потребни сеопфатни физибилити студии за систем за складирање на батерии во Македонија.

-А сега за вашиот идеен проект, спомнат пред малку, за електроенергетски капацитет Мариово што неодамна го регистриравте. Тоа е ваша стара идеја за исплатлив и ефикасен капацитет или како идеја е побудена да се спротивстави на владиниот проект за Чебрен? Но сеедно, тоа вклучува и хидро систем и фотоволтаичен капацитет. Може ли со едноставен разбирлив јазик да го објасните?

Идејата за Енергетски комбинат Мариово ми дојде откако фотоволтаиците и ветерниците постанаа атрактивни за градба. Прв пат оваа идеја му ја раскажав  пред една година на тогашниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски во присуство на директорот на ТЕ Неготино Небојша Стојановиќ. Ковачевски беше  импресиониран, рече така нема да плаќаме скапа струја во пикови дури и ќе можеме да ја продаваме по 500 евра за MВч како што  ние по таа цена  ја увезуваме  минатата година. Но, Ковачевски потоа даде оставка, а мене не ме повика министерот за економија, како што планиравме. Поучен од минатото, кога никој не ми рече ниту благодарам за иновативниот проект за испуштање шљака од електро печката на ФЕНИ, со што се заштедуваат најмалку по 100 илјади евра месечно, овој проект го доставив до Македонската авторска агенција за заштита на авторските права.

Идејата е на околу 2 километри под браната на ХЕ Тиквеш во коритото на Црна Река да се изгради акумулација со доволен волумен (3,300,000 м3) да ја прифати водата за 12 часа работа на турбините..Две или сите четири турбини од ХЕ Тиквеш да се демонтираат и да се монтираат на новата акумулација . Водата од Тиквешко Езеро до новата локација на турбините ќе се спроведе преку цевководи. Така турбините кога има потреба ќе произведуваат струја, а кога имаме вишок од струја ќе работат како пумпи и ќе ја враќаат водата назад во Тиквешко Езеро. Тоа ќе ни овозможи ХЕ Тиквеш да произведува струја секој ден со полн капацитет на сите четири турбини по 12 часа, 365 дена во годината, наместо како досега да работи само кога има доволно вода во езерото ,а производството на струја од 14.4000 MВ годишно ќе се зголеми на 500.000 МВ годишно.

д

ХЕ Тиквеш има просечно годишно производство од 140 ГВч не заради тоа што нема капацитет за повеќе туку заради малиот доток на вода од Црна Река, така на пр. ХЕ Тиквеш во 2011 година имал максимално производство од 326,3 ГВч/год. додека пак во 2001 година имал минимално производство од само 21 ГВч/год/. Со моето идејно решение ќе има континуирано производство од најмалку. 500 ГВч/год. без разлика колкав е дотокот на вода од Црна Река т.е. може да биде и нула литри.

Доколку ХЕ Тиквеш ја претвориме во ПАХЕ Тиквеш годишното производство ќе биде минимум 500 ГВч/год., а тоа е половина од производството што се очекува од ПАХЕ Чебрен. Хидрауличните турбини работат на потенцијалната енергија и во принцип можат да бидат оддалечени од браната и до 5 км.

Ги повикувам Владата и директорот за развој на ЕСМ, Виктор Андонов да ги консултираат проф. Предраг Поповски и проф. Зоран Марко од кабинетот за Хидротехника при МФС-УКИМ-Скопје и да  одговорат на следното прашање: Дали моето идејно решение за ЕК Мариово може да се изведе,и дали ХЕ Тиквеш можеме да го изградиме како ПАХЕ Тиквеш како што е предложено  во него, а инвестицијата е помалку од 10% од таа за ПАХЕ Чебрен.

Трошоците за оваа инвестиција се незначителни во споредба со добивката. Добивката од работата на ПАХЕ Тиквеш ќе ни овозможи со сопствени средства да ја изградиме ПАХЕ Галиште, а потоа и ПАХЕ Чебрен, без да ни е потребен странски концесионер.

-Можеби веќе сте имале разговори за проектот со надлежните во Владата?

Идејниот проект ѝ го испратив на Владата, a копија му предадов на директорот во ЕСМ, Андонов. Од никого немам повратен одговор или повик за разговор.

-Дали вашиот проект, како и тој за Чебрен ги зема предвид евентуалните климатски последици од неговата изградба во Пелагонија и Тиквешијата. Познато е дека вака големи проекти можат да имаат влијание, а зборуваме за два региони, едниот познат по маглите и екстремно ниските температури во периоди од зимата, а воедно станува збор за најголемата житница во земјава, а другиот е исто така вреден со лозарството и воопшто во земјоделска смисла.

Браната Чебрен со висина од 200 метри секако ќе има дополнително влијание врз климата во Пелагонија, можен е пад на температурите за 1 до 2 степени поради неможноста за продор на топлиот воздух од Егејско Море преку Вардар, можно е маглата да трае нешто подолго од вообичаено, исто така влијае и на движењето на рибите, но сето ова веќе еднаш е нарушено со браната на ХЕ Тиквеш. Додека за Тиквешко Поле не се очекуваат промени .

Акумулацијата Чебрен во никој случај не може да ја заштити Пелагонија од поплави,,тоа би го направила акумулацијата Бучин која е проектирана уште во 70 -тите години за заштита од поплави и наводнување на Пелагонија, како  и вода за пиење за прилепските села и Прилеп. За заштита од поплави во долниот тек на Црна Река доволна е  акумулацијата Тиквеш. Всушност ни до ден денешен не се случиле поплави после ХЕ Тиквеш.

Нема никаква логика акумулацијата Чебрен да се користи за наводнување на долна Пелагонија бидејќи таа е доста оддалечена и подобро би било вода за наводнување да се користи со пумпи директно од Црна Река отколку со пумпи од  акумулацијата Чебрен.

Сепак, вакви масивни градби самостојна Македонија не градела, освен во времето на Југославија...

За жал после осамостојувањето на Република Македонија назадуваме во сите области. Ако до тогаш нашите градежни  претпријатија Бетон, Гранит, Пелагонија, Маврово и други работеа на градба на ТЕ Осломеј, РЕК Битола, градеа мостови, автопатишта, брани, работеа во Ирак, Кувајт, во тогашниот СССР, денес толку многу сме назад што не претркаа многу земји па така наместо ревитализација на патишта да прави Гранит често гледаме дека тоа го работат фирми од соседството. Заради пример, ЕМО Охрид повеќе не е во состојба да изгради далновод или, ако ги имаше изработено филтрите во РЕК Битола, денес не би биле во можност да заменат нити електрода во нив.

-Затоа Бехтел и Енка треба да ги градат коридорите 8 и 10?

И претходното прашање е поврзано со политиките на Владата. Можеше Владата, наместо што им даде аванс од 200 милиони евра на Бехтел и Енка, со тие пари да купи современи градежни машини и да им ги даде на користење на нашите градежни фирми и тие да ги изградат коридорите 8 и 10. Ако го направеше тоа, 1,3  милијарди евра ќе останеа во Македонија, а македонските компании ќе имаа работа, искуство и референци да добиваат работа и во странство.

За крај, една илустрација, инвестицијата со коридорите 8 и 10   нема поврат на средствата ниту за 200 години додека инвестицијата во ПАХЕ Тиквеш е многу мала и истата ќе има поврат за нецели две години. Затоа, ние можеме и мораме да ја изградиме сами.

Доколку владата покрај сето ова горе наведено сепак го потпише договорот со грчките компании за Чебрен, ние засекогаш ја губиме можноста да го изградиме ПАХЕ Тиквеш ,ПАХЕ Галиште и ФЕЦ Мариово, всушност засекогаш ја губиме можноста за евтина електрична енергија, цел која треба да е водилка за владата и  ЕСМ, а од друга страна домаќинствата не ќе можат да издржат на грчките компании да им ја плаќаат струјата од ХЕ Тиквеш и ПАХЕ Чебрен по берзанската цена.

                                                                        Панта Џамбазоски