„Руската Федерација нема што да му понуди на Западен Балкан во однос на перспективата, економскиот напредок, вредностите на владеењето на правото и слично, па кога немате начин да понудите подобра алтернатива, тогаш единственото нешто што ви е важно е да го одржите вашето влијание преку одржување на вечни конфликти“, вели Османи.
Односите на Македонија со Бугарија министерот ги оценува како историски тешки и сложени, а во моментов вели дека најавата за предвремени избори во Бугарија и политичката тензија во Македонија доведоа до создавање на актуелната ситуација.
Затоа, смета Османи, бугарската реакција поврзана со инцидентот во Охрид, може да се констатира дека е непропорционална бидејќи „државата ги презела сите неопходни мерки тој случај да се изолира и сторителите да се идентификуваат, изведат пред лицето на правдата и да се казнат.
„Потребна ни е нормална комуникација меѓу државите за да не им оставиме простор да се хранат политичките профитери и провокатори и да ги градат своите политички кариери“, рече Османи.
Во интервјуто министерот вели дека треба да се дефинира принципот дека не може без реакција на државата некој да дојде во Македонија и да го негира нејзиниот територијален интгегритет, народ, која било етничка заедница. Во таа насока Османи ја спомена и можноста за забрана за влез во земјата.