„Меѓаши“: Училишните психолози станаа административци, треба да се води грижа и за емоциите, не само за оценките
1662399183

Во препораките кои често знаат да ги дадат од „Меѓаши" се наоѓаат и тие дека во секое училиште треба да има соодветни едукации, но и чести разговори во кои ќе се слушне мислењето на основците и средношколците.

„За жал депресијата е честа во современиот живот, особено во периодот во текот и после пандемијата и психолозите уште во текот на пандемијата предупредуваа дека треба поголемо внимание да се обрне на ментално здравје во целост. Во оваа прилика сакам да потсетам на препораките од учениците кои го подготвуваа Алтернативниот извештај за состојбата со правата на детето од 2020 година, во делот на правото на образование. Имено во препораките за наставните содржини велат „Додавање предмети кои опфаќаат: интуиција; важноста на љубовта и почитта; законот за привлекување; за сите митови: дека нема доволно, дека може да се успее само ако работиме многу; балансирање на сè во животот; одење кон својата цел; уникатност; ограничени верувања; медитација; справување со депресија; да на се оди по очекувањата на општеството. А, ќе се одземат предмети кои не се важни за некој кој не е стручно определен за тоа" и „ Пријателски настроени професори, но да предаваат она што е потребно" (стр. 44, Алтернативен извештај, 2020). Понатаму препорачуваат „Кај децата да се изгради самодоверба и за да го искажат своето мислње преку отворени разговори и неформални средби, како и преку часови каде ќе има дискусија и учениците ќе бидат поттикнати да го кажат своето мислење, без да се оценува"( стр. 45, исто)“, велат од „Меѓаши“ за МКД.мк. 

Од Првата детска абасада сметаа дека доколку бидат земени предвид овие препораки и сериозно почне да се работи кон нивно остварување, не само што ќе се превенираат трагедии, туку конечно образованието ќе биде фокусирано кон градење здрави, исполнети и среќни единки, идни носители на  одлуки за државата.

„Сведено на секојдневни активности, би укажале барем еднаш неделно, да речеме на класниот час, да се отвораат теми за разговор поврзани со менталното здравје. Препорачливо е секогаш да се консултираат самите ученици за кои теми би сакале да се разговара или можеби да имаатнекакви работилници или воннаставни активности. Тоа би требало да биде една од клучните задачи на класните раководители – да водат грижа за психолошката благосостојба на секој ученик/ученичка. Но, тоа не мора да биде само обврска на класниот раководител туку на секој наставни(ч)к(а)/професор(ка), кој/а може да најде простор во рамки на содржините што треба да ги обработи со децата да покаже грижа за нвното ментално здравје. Тоа го отвора и прашањето наподготовка на наставниот кадар за преземање и на оваа улога во рамки на нивната работа – грижа за емоционалната состојба и општото расположение на учениците. Конечно, кога секој/а ученик/чка ќе се почувствува сигурно и безбедно во училиштето, дека постои грижа за секој/а од нив, тогаш и климата и мотивацијата за учење неминовно ќе биде подобра, односно повисока. Значи, да водиме сметка и за чувствата на децата, да им дадеме можност да се искажат, да имаат прилики за разговор на теми што нив ги „мачат", советуваат од Меѓаши. 

За тоа далу психолозите кои работат во училиштата се доволно обучени и соодветно реагираат и се запознаени со проблемите на учениците или, напротив ги осудуваат или критикуваат, па сето тоа има контраефект, од Меѓаши велат дека генерален одговор за тоа нема.

„Не би можела генерално да одговорам, зашто и психолозите, како и сите, се хетерогена група, така што би се оградила од општи заклучоци или генерализации. Познавам и соработуваме со многу училишни психолози кои се обучени психотерапевти. Но, искуството од соработката на Детската амбасада Меѓаши со училиштата, но и како родител, ми зборува дека голем дел одработата на психолозите, односно на стручните служби се сведува на административна работа, што одзема многу време што би можело да се посвети повеќе на металното здравје на учениците/чките. Повторно ќе се навратам на Детскиот извештај погоре спомнат. Нивните препораки за училишниотпсихолог упатуваат дека треба „ Во секое училиште да има вработено квалитетен психолог кој би им помагал на учениците секогаш кога ќе види дека треба некаде помош, без да чека некој да се обрати. Да биде задолжително секое дете барем еднаш месечно да поразговара со психологот, со што децата ќе стекнат доверба во психолозите за потоа сами да одат да побараат помош. Да се нормализира одењето кај психолог преку дискусии на класни часови, неформални средби и некои дополнителни предавања. Тоа треба да се гледа како нешто вообичаено, а не нешто од кое ќе се срамиш." (стр. 44, исто). Одлуката овие препораки токму за училишниот психолог да се дел одИзвештајот беше целосно донесена од децата кои го пишуваа извештајот“, додаваат од Првата детска амбасада. 

Веројатно тргнувајќи од своето искуство и потреби децата ги напишале овие нешта во извештајот. И ние треба сериозно да ги разгледаме. 

За булингот во училиштата и за тоа од Првата детска амбасада велат дека насилството не ги засега само учениците, туку не засега сите нас. 

„Во оваа прилика би сакала да укажам дека врсничкото насилство, како и сите други видови насилство, се честа тема на обуки и тренинзи што ги организираме со основните и со средните училишта преку Програмата за мировно образование но и во сите други наши проекти. Но, насилството општо не ги засега само учениците, тоа е наш општествен проблем, почнувајќи одсообраќајот, до меѓучовечките односи, известувањата од медиуимите, војната во Украина итн. Тоа ни го поставува милјето, средината во која секојдневно живееме, работиме, учиме и слично. Така што, на насилството треба да работиме на секое општествено ниво – и како единки и на работното место и во приватниот живот, секаде каде можеме за да направиме некакво, макар и мало поместување во позитивна насока. Училиштето е многу значајна животна средина за учениците кои се во осетлива фаза од својот развој, но тоа е една од сите останати животни средини. Како и да е, секој во својата средина треба да ги искористи можностите за промена – затоа темите поврзани со ментално здравје треба да бидат дел од секојдневието на училиштата, не само средното, туку почнувајќи од предучилишното, преку основното па до средното“, дополнуваа во одговорите. 

Треба да им се создаваат прилики на учениците да можат да го искажат своето мислење на овие теми и при тоа многу е важно да се создаде атмосфера на доверба, без измевање, почитување и грижа. Секогаш кога има случај на насилство, врсничко или кој било вид, да не се пренебрегнува темата, туку напротив да се отвори, да се разговара, да се прашаат учениците како може да се надмине, спречи, ублажи...

„Има еден многу убав едукативен, долгометражен филм за меѓуврсничко насилство (Tagged - Обележан), снимен од Австралиската влада кое Меѓаши пред повеќе години го промовираше. Не само што е снимен филмот туку има и разработени наставни содржини за училиштата дстапни на посебна веб страница. Во учлиште организиравме работилница на тема врсничко насилство, искористувајќи го токму овој филм и користејќи ги нивните работни материјали. Учениците одлично го прифатија и се отворија разговарајќи за повеќе прашања од секојдневието“, ни додадоа.

За тоа колку социјалните мрежи влијаат на однесувањето на децата од Меѓаши велат дека и ова не е нова тема, одамна се апелира за безбедноста на интернет, како да се однесуваме и заштитиме, дел е од наставните содржини по предметот Информатика, но сепак не е прашање на кое му се посветува доволно внимание за да има позитивни посакувани ефекти.

„Повеќе наликува на како секој ќе се снајде. А социјалните мрежи ни зафаќаат голем дел од нашиот живот и време – и работно и лично. Секоја јавна, приватна и деловна институција има повеќе социјални мрежи, така ги споделува и шири своите вредности, производи, услуги .... За да може да се има контрола врз нештата, треба истите добро да се познаваат. Оттаму сметам дека треба да се посвети посериозно време и содржини на ова прашање. Во оваа насока би ги истакнала сите активности, проекти и програми за медиумска писменост и едукација на деца и родители за безбедност при користење на интернет и потребата истите да станат дел од редовните наставни програми. Преку разбирањето на тоа како децата и младите го користат Интернетот, ризиците со кои се соочуваат и стратегиите за управување со ризиците, родителите може да им овозможат на децата добро да се справуваат со Интернет светот. Погоре споменатиот филм Tagged (Обележан) кој беше промовиран пред 10 години, на 19 ноември 2012., по повод Светскиот ден за превенција од злоупотреба и насилство на децата, е едукативен филм кој ги охрабрува младите луѓе да г и согледаат последиците во вистинскиот живот предизвикани од „сајбер булинг" (злоупотребата на интернет меѓу врсници) и секстинг (испраќање на провокативни и сексуално експлицитни содржини преку пораки, фотографии или видео клипови, главно со употреба на мобилни телефони, како и постирање на вакви содржини онлајн) и негативната дигитална репутација.“, дополнуваат од Првата детска амбасада. 

Темите од лична безбедност и одговорност се клучни за одржување на позитивно однесување на Интернет и дигитална репутација во полнолетство.

Скоро цела година функционира веб-платформата Ало Бушавко која  претставува „продолжена рака" на телефонот за деца млади, нудејќи и дополнителни канали за комуникација како чет опција, емаил, но и различен вид едукативни информации во рамки на кои се опфатени и теми поврзани со менталното здравје.

Разбирајќи дека некому му е полесно посредно да разговара за нештата кои го мачат или за кои размислува, како една од интерактивните алатки за остварување дополнителна комуникација со децата и младите и сите заинтересирани го поставивме и повикот за споделување текстови на теми важни за авторот кои потоа може да бидат објавени на платформата. Ова го понудија не само за да се збогатуваат содржините што ги нуди Ало Бушавко, туку и да им се даде можност на оние деца и млади кои не можат директно да разговараат за проблемите или дилемите со кои се соочуваат, тоа да го сторат на индиректен начин, а потоа да им оставиме простор и информација дека доколку сакаат може дополнително да ги контактираат.

Во однос на проблемите за кои не контактираат, врсничкото насилство е меѓу ретките заради кои не бараат, што никако не го толкуваме дека не постои, туку повеќе дека се уште е табу тема, за која во нашето општество како да нема слух или интерес јавно да се разговара.

К.Д.