„Во тек на 2019-тата година со дозвола од Комисијата за заштита на конкуренција која што е владино тело, „Еуромакс“ е продадена на сомнителна фирма регистрирана во Кајманските острови. Веројатно луѓето никогаш и не слушнале за Кајманските острови, наречена „Galena Resource Equities Limited “. Што е интересно? Интересно е дека таму каде што е регистрирана оваа компанија се регистрирани ни помалку ни повеќе уште 22.000 компании. И претседателот на САД, господинот Барак Обама во тоа време зборуваше дека се работи за најголемата шема за перење на пари, а тоа е оваа зграда во која што е регистрирана прилично малата компанија. А, во таа зграда се регистрирани над 20.000 компании“, нагласи Николоски.
„Во таа зграда регистрирана е фирмата што ја презема Иловица. Што е следно интересно? Таа фирма „Galena Asset Management “ во моментов поседува 53% од Иловица. Значи станува доминантен сопственик со 53% оваа фирма од Кајманските острови. Таа фирма „Galena Asset Management“ го поставува за директор на Иловица Иван Вутов. Инаку, Иван Вутов е син на Цоло Вутов, еден од најбогатите луѓе во Бугарија, близок пријател на актуелната власт во Бугарија. А, за него е кажано дека во рамки на „Галена“ тој има доминантно учество односно овие 53% да поедноставам најверојатно се сопственост на Цоло Вутов“, истакна Николоски.
Цоло Вутов, вели Николоски, го поставува својот син Иван Вутов за директор на Иловица. „Интересно е тоа што од 2019-тата година завршувајќи со октомври оваа година кога влегува ова лице како директор на Иловица коинцидира со случајната одлука на Вишиот Управен суд кој што реши работата со Иловица да ја врати од почеток со цел таму да може да се копа, односно таму да има рудник. Сакам јавно да поставам прашање дали е само случајност тоа што Зоран Заев ветил рудник на Бојко Борисов, тоа што рудник не се дозволуваше да се отвори, ама откако влегол сомнителен капитал од Кајмански острови, а за директор влегува бугарски државјанин, односно син на еден од најголемите бизнисмени во Бугарија наеднаш судот носи различна одлука. А, ова е прашањето на кое што очекува одговор голем дел од Источна Македонија“, појасни Николоски.