Кина го осуди обожувањето пари, екстремниот индивидуализам и корупцијата
1637079520

Објавениот документ ја зајакнува доминацијата на претседателот Си Џинпинг над партијата воочи третиот мандат, кој започнува следната година, истовремено изразувајќи ја неговата визија за историскиот пат на Кина.

Резолуцијата за „достигнувањата и историските искуства“ на партијата од нејзиното основање пред 100 години е донесена на крајот од четиридневната затворена седница на Централниот одбор одржана минатата недела.

Резолуцијата го става претседателот Си на пиедестал како претходниците Мао Це Тунг и Денг Сијаопинг, чија моќ била зацврстена со слични резолуции донесени во 1945 и 1981 година.

Документот содржи преглед на кинеската историја, од „понижувањето“ на доцната империја на Кинг па се до современа Кина и надеж за идно „големо подмладување“, нагласувајќи дека движечка сила за напредокот е Комунистичката партија.

Во 1978 година, Денг иницираше реформи кои ја трансформираа Кина во втора по големина економија во светот. Неговата резолуција ја нагласува важноста на „колективното лидерство“ по маоистичките ексцеси на Културната револуција.

Сепак, претседателот Си, кој стекна повеќе моќ од кој било лидер по Мао, не го нагласи колективното лидерство во најновата резолуција.

Иако новиот документ ветува продолжување на политиките за „реформи и отворање“, во него се забележува дека од нивното иницирање се појавиле „погрешни трендови во мислењата како обожување пари, хедонизам и екстремен индивидуализам“.

Во резолуцијата се наведува и дека во реформската ера партијата забележала коруптивни практики и слабеење на нејзиното раководство.

Построго управување, посилна идеолошка работа и поголема културна „самодоверба“ може да помогнат во решавањето на овие проблеми, се вели во документот, истакнувајќи дека многу долгорочни проблеми се решени во ерата на Си.

Си повика на постигнување „заеднички просперитет“ во обид да се намали јазот во богатството и претседаваше со голема антикорупциска кампања, казнувајќи повеќе од еден милион функционери, од кадри од низок ранг до потенцијални ривали за раководството на партијата.