15 години потоа

Масакрот кај Вејце никогаш да не се повтори (ВИДЕО)

И денеска со вообичаеното положување на цвеќе во касарната Илинден во Скопје и во Битола се оддаде некаква почит на загинатите во масакрот во близина на селото Вејце на Попова Шапка. Таму, на местото на заседата, и денеска, како и секоја година беа бранителите од Достоинство и генералот Стојанче Ангелов. И тој и семејствата на загинатите уште еднаш потсетија дека државата мора да даде одговор за тоа кој е виновен за ова предавство и да ги казни злосторите.

Петнаесет години потоа, генералот Стојанче Ангелов, како претседател на партијата на бранителите Достоинство, претпладнево беше на местото на настанот каде na 28 aприл 2001 година беа масакрирани осумтемина припадници на МВР и на АРМ меѓу селата Селце и Вејце. И годинава свеќата ја запали сам, со неговите соборци, без државна делегација.

 

Како и секоја година, на 28 април, делегација на Достоинство доаѓа тука и положува цвеќе во знак на сеќавање на загинатите припадници на вооружените сили на Македонија во конфликтот од 2001 година. Понекогаш со нив тука доаѓаат и роднините на загинатите, но не и претставници на државата. Тие цвеќе положуваат во касарната Илинден во Скопје или пред споменикот во Битола. Но, не и тука. Во 2004 година, тогашниот министер за внатрешни работи Хари Костов, со делегација од МВР, се обиде да дојде до местото на заседата, но не успеа. Беше вратен.

Досега единствено Достоинство редовно, секоја година го посетува местото на заседата и оддава почит на загинатите

За да биде иронијата поголема, само стотина метри подолу, пред селото Селце, изграден е еден огромен споменик, во облик на тврдина, во чест на нивните тогашни непријатели, припадници на УЧК.

Денес е тажен ден за Македонија. За семејствата на загинатите припадници на вооружените сили на Македонија во војната 2001 година. Но, не и за државата. Овие настани како да ги подзабораваме. Масакрот на патот меѓу Селце и Вејце на Попова Шапка, беше еден од најкрвавите и најбрутални настани од конфликтот во 2001 година. Но, никој на тоа веќе и не се сеќава.

Се сеќаваа генералот Ангелов, кој беше еден од првите кои пред 15 години стигнал на местото на злосторството.

„Мирисаше на изгорено човечко месо. Беше страшно. Едвај се распознаваше дека се работи за изгорени човечки тела. Не знаевме како да ги транспортираме за да може да им се изврши достоен погреб. И овие македонски херои беа убиени во заседа. Кукавички“, вели Ангелов. Тој, и покрај сѐ, денеска од ова место испрати порака на помирување.

И годинава, семејствата и колегите на загинатите денеска ја изразија разочареноста за тоа дека државата сѐ уште молчи за вистината и го должи тоа што го ветила.

 И тогаш, веднаш по настанот, се обавија информации дека за маскрот кај Вејце виновна била воената команда која лесно можела да предвиди дека тука, во секое време е можна заседа. Нешто слично како и за масакрот кај Карпалак.

Државата и годинава се заблагодари и положи цвеќе. Но, семејствата на Роберт Петковски (27) од Скопје, Бобан Трајковски (28) од Куманово, Игор Костески (26) од Скопје, Миле Јаневски (30) од Македонска Каменица, Марјан Божиновски (27), Илче Стојановски (24), Кире Костадиновски (24) и Бошко Најдовски (24), сите од Битола, бараат одговори од надлежните институции за тоа кој и зошто ја издал наредбата и кој стои зад грозоморниот масакр. Бранителите најпрво биле убиени, а потоа нивните тела биле и масакрирани. Го чекаме денот кога убијците ќе бидат откриени и казнети, велат денеска преживеаните и најблиските на загинатите кај Вејце. Дел од преживеаните воопшто и не сакаат да зборуваат за овој настан. Ама сите велат - тоа беше предавство!

Загинаа во одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија. А што направи Македонија за нив, прашува Ангелов и додаде: Слава им. Хероите никогаш не умираат!

А.Д.

Што се случи пред 15 години меѓу селата Селце и Вејце

На 28 април 2001 година комбинирана патрола од 16 припадници на безбедносните сили, 8 од единицата за специјални намени „Волци“ при АРМ и 8 од посебната единица на СВР Битола, во 17 часот тргнала на задача од касарната во Тетово и требало да се врати околу 20 часот. Сите биле распоредени по четворица во две лади ниви и два хамера.

Околу 17:45 часот патролата навлегла во тесна, непрегледна кривина. Кога првите три возила влегле во кривината, во вид на потковица, од три страни биле нападнати од терористи. Се пукало од золји, снајпери, бомби, рачни минофрлачи, пиштоли и друго автоматско оружје. По вооружениот напад, кој траел дваесеттина минути, врз мртвите тела бил извршен грозоморен масакр, а тројца живи биле запалени.

„Она што го видов не го прават ниту ѕверовите. Она нормален човек не може ниту да го помисли. Ако е војна и ако убивањето е нормална работа, она што им се случи на нашите беше ненормално", раскажуваше за она што го видел еден од бранителите кој на местото на злосторството пристигнал само еден час подоцна.

Масакрот кај Вејце се случил во период кога сите воени дејства биле прекинати. А по овој настан, пресметката меѓу македонските безбедносни сили и паравојската на УЧК се засили.

Видете го и документарецот на Достоинство за овој настан:

 

 

Политичките раководства во Република Македонија мора да сфатат дека немаат комодитет да ги занемаруваат економските политики на сметка на политичките агенди.

повеќе

Четирите предложени амандмани треба да им го оневозможат луксузот што го имаа сите досегашни влади, на сите идни влади - спорот за името да им биде изговор за несовесно работење, корупција и системски пропусти.

повеќе

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе