Сечата е ризик за изворите на вода за жителите

Жителите на струшкото село Октиси најавуваат протести доколку „Национални шуми“ не престанат со нелегалната сеча

Мештаните на струшкото село Октиси велат дека, додека биле затворени дома поради карантинот, се вршела нелегална сеча на шумата во реонот од страна на подрачната единица на ЈП „Национални шуми" - Струга што е закана по нивното здравје. 

Иако слоганите под кои ја промовираат својата работа гласат „ЈП Национални шуми-во партнерство со природата“ и „Да се зачува – шумата треба да се сака“, жителите на Октиси се жалат на работата на ова јавно претпријатие.

Селото има повеќе од 5.000 жители и како што велат повеќето од нив, „Национални шуми“ секоја година вршат сеча на дрва, но годинава, имено последниот период дошло до конфликт затоа што од претпријатието пробиле пат долг 3 километри за време на полициски час, кога мештаните биле затворени дома. Патот, како што претпоставуваат жителите, ќе води кон местата каде ќе се врши сеча на шума, а току тие места жителите ги посочуваат како „бели дробови“ на реонот, а го потенцираат и проблемот што со масовната сеча ќе бидат уништени изворите од кои со вода се снабдува целото село.

„Годинава „Национални шуми“ со сопствена механизација проби пат во должина од 3 км во вонредна состојба, но тој пат минува и низ 30 парцели приватен имот. Таму кај што им е планирана сечата имаме викенд населба и таму се лоцирани главните извори кои со вода снабдуваат 5.000 жители кои се регуларни плаќачи на данок во земјава“, вели Енис Мемедовски, претседател на месната заедница кој додава дека жителите се вознемирени бидејќи, поради ситуацијата со корона вирусот, не смеат да се собираат на протести и да го искажат својот револт.

Жителите си го бараат своето право да ги заштитат своите имоти и изворите во селото, појаснува Мемедовски кој поради тоа што ја попречил работата за пробивањето на патот во сопствениот имот се соочил со закани од претпријатето.

ЈП „Национални шуми“ пак на 9 јуни на својата ФБ страница објавија демант на вестите објавени во дел од медиумите за, како што пишуваа медиумите, масакарот на шумите во струшко за време на велигденскиот полициски час.

„Се работи за легална сеча на шумско камионски пат во шумско стопанска единица „Јабланица- Ќафасан”, за кој ЈП „Национални шуми”-Скопје, ПШС „Јабланица”-Струга, постапува според решение од инспектор по шумарство при Државниот инспекторат за шумарство и ловство, кое е во прилог на образложението“, се вели во демантот, но документот со решението не е објавен на нивната ФБ страница.

Исто така, тие образложуваат дека поднеле пријава до СВР Охрид за попречување во вршење работни задачи, за објавувачот на видеото од профилот со иницијали Е.М. потенцирајќи дека видеото е со произволна и неточна содржина.

Проблемот се провлекува од февруари годинава кога месните жители излегоа на мирен протест на кој побараа повлекување на механизацијата од атарот на селото Октиси, поништување на тендерите за сеча на шума и мерки за прогласување на планината Јабланица за национален парк.

„Проблемот почна кон средината на февруари кога имаше протест во селото после кои се одлучи целиот процес да се решава правно, но после тоа, кога нашата држава ја зафати коронакризата и кога се воведоа рестрикциите во движењето на граѓаните, на социјалните мрежи осамнаа видеа како во најдолгиот велигденски карантин, среде полициски час, се сечеше во шумата во Октиси“, вели Даниел Шикоски, жител на селото.

Тој појаснува дека иако сега целиот процес е пред суд, сечата и понатаму продолжува интензивно поради што, како што вели, жителите повторно се подготвуваат за протести.

„Моја одговорност е да кажам дека јас лично ги почитувам сите мерки и препораки на Владата и со тоа не стојам зад евентуалните протести, но не ги ни осудувам луѓето ако излезат на протести бидејќи се многу револтирани од сето тоа што се случува. Од една страна се забранува движење на граѓаните, а од друга страна и среде полициски час се унишува шумата“, додава Шикоски кој вели дека според свои информации дознал дека е планирано сечата да трае три години.

„Проблем е локацијата на сеча, таму има извори од кои селото добива вода, таму земјата е кревка и лесно може да дојде до свлечишта и да бидат уништени изворите или пак загадени. Експлоатацијата на природата може да нѐ чини здравје“, вели Шикоски додавајќи дека иако се штитиме од корона истовремено се нанесува поголема штета врз здравјето на луѓето во овој регион.

Како проблем кој жителите го посочуваат е и честото опожарување на шумите, поради што потоа се врши сеча на тие предели, а како што велат жителите, претпоставуваат дека често тие пожари се и подметнати и намерни.

Инаку, иницијативата од невладиниот сектор планината Јабланица да биде прогласена за заштитено подрачје е усвоена од Владата. Првиот чекор е изработка на Студија за валоризација или ревалоризација на природните вредности на Јабланица. По изработка на студијата, постапката за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје ја води Министерството за животна средина и просторно планирање.

Но, засега, како и за сѐ  друго, корона пандемијата ги стопира овие активности, но се чини според искуствата на жителите на едно од најстарите струшки села, Октиси, дека не се стопира само уништувањето на природното богатство во овој регион.

                                                                                          Х.С.

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе

Многумина од учесниците во македонската сага, нивните деца и внуци прашуваат: Зошто не можеме да се вратиме во земјата на нашите предци?

повеќе

Утрово осамна уште еден ден од ноември, 20-от ден од месецот. Остануваат точно уште 456 дена до 100-годишнината од коморскиот систем во нашата земја.

повеќе