По катастрофалниот пожар

Заев: Ќе се обновува шумата околу езерото „Младост“

– Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во придружба на претставници на сите засегнати институции кои беа вклучени во акцијата за гасење на опожарената локација околу езерото Младост и селото Отовица, во близина на Велес, денеска го посетија опожареното место.

Пред посетата на локацијата, соопшти владината прес-служба, премиерот Заев разговарал со градоначалникот на општина Велес Аце Коцевски, командирот на територијалната противпожарна единица Велес Љупчо Лепидовски, со претставниците на локалната единица на Дирекцијата за заштита и спасување, на СВР Велес, на Јавното претпријатие Дервен и Шумското стопанство Бабуна, на Црвениот крст и на Армијата на Република Северна Македонија, со Агрон Буџаку, директор на Центарот за управување со кризи, со командантот на противпожарна бригада Скопје и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов. Станало збор за искуствата, за координација и заедничка поддршка во вакви ситуации.

По обиколката и увидот на опожарената локација и во близина на езерото Младост, премиерот Заев изјавил дека се тажни сцените на теренот и посочил дека ја споделува тагата и загриженоста со граѓаните кои завчера за време огнената стихија беа соочени со опасноста да им бидат загрозени здравјето, животот, имотите, но и спомените.

 Сочувствувам со велешани кои за неколку часа изгубија едно од нивните омилени излетнички и рекреативни места. Дотолку повеќе е поинтензивен и гневот што го чувствувам зашто во овој случај е сосема јасно дека ова се случи од човечка небрежност и неодговорност. Мојата порака кон сите кои имаат каква било идеја да потпалуваат и да горат човечки судбини, е дека ќе одговараат. Нема да има толеранција за оние кои уништиле нешто што природата и добронамерните луѓе го негувале со децении. Нула толеранција како лекција и како превенција за сите што си играат со огнот и со судбината на луѓето и на животната средина, потенцирал премиерот Заев.

Тој упатил посебна и голема благодарност до пожарникарите од Велес, како и на нивните колеги од Скопје, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Прилеп, Штип и Свети Николе, како и на припадниците на Армијата на Северна Македонија и припадниците на Министерството за внатрешни работи за нивниот придонес, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, ЈП Македонски шуми, и особено за сите волонтери, кои десетици часови без да ги штедат своето здравје и животите, спречија поголема катастрофа.
Заев истакнал дека штетите и последиците се големи и долгорочни и затоа сме должни да извлечеме и некои поуки.

– После вакви катастрофи, локалните самоуправи ќе мора да ги менуваат приоритетите. На врвот мора да бидат безбедноста и здравјето на граѓаните и животната средина. Владата ќе продолжи да го поддржува јакнењето на капацитетите на општините, а тие ќе треба да им посветат повеќе внимание на противпожарните бригади и на другите сегменти за превенција од кризи, посочил премиерот Заев.

Тој појасни дека шумскиот појас околу езерото „Младост" и секаде каде што огнените јазици оставија пустош, ќе биде обновен, ќе никнат нови дрва.

Ќе расте нов живот. Ќе живее Младост во Велес. Децениите за ревитализација ќе ги претвориме во години. Општина Велес, Владата и ЈП „Национални шуми" ќе спроведат брз и координиран план за масовно пошумување. Ќе спроведеме максимални напори за вонредно пошумување со адекватни видови садници, со што оваа територија ќе ја има повторно функцијата на шума со сите еколошки параметри неопходни за здрава животна средина. Ќе издвоиме од Буџетот средства за обезбедување садници, нагласи премиерот Заев.

Додаде дека велешани, скопјани и сите граѓани на нашата земја, повторно ќе доаѓаат на своето омилено излетничко место, а Владата, заеднички со Светска Банка и ЕУ, ќе продолжат со реализација на проектот за развој на туризмот на локалитетот езеро Младост, вклучително и цевководно поврзување на локалитетот Велешко езеро со браната Лисиче за наводнување на целиот овој регион.

Минатата недела, Сирија повторно беше на врвот на меѓународните вести. Земјата, која долги години е вклучена во борбата против екстремистичките групи, повторно се соочи со нов бран на агресија и воена акција. Во средата, на 9 октомври, турската армија, заедно со сириските антивладини бунтовници, го започна маршот кон североисточните делови на оваа земја што предизвика жестоки борби.

повеќе

Добар изборен систем треба да биде репрезентативен, но и да овозможува ефикасно владеење.

повеќе

Луѓето можете и ги задржите во сопствената земја - ако им е добро.

повеќе